Press "Enter" to skip to content

Изложба и публикација како резултат од креативни работилници со ученици и ментори во Битола

Во рамките на проектот „Македонска Креативност 2025 – Од Кирилица до Визуелни Уметности / Вол. 2.0“, на 30 мај 2025 година, со почеток од 19:00 часот, во просториите на КИЦ – Офицерски дом во Битола, ќе биде отворена завршната ревијална изложба и промоција на публикацијата – прирачникот кој го документира целиот креативен процес.

Проектот опфати низа интензивни работилници со средношколци од Битола, водени од искусни ментори од областа на фотографијата, театарот, креативното пишување и визуелната култура. Крајниот резултат се уметнички фотографии со врвен естетски квалитет и книга што сведочи за процесот, предизвиците, знаењата и растот на учесниците. Публикацијата претставува значаен документ – не само како запис за реализираните активности, туку и како едукативен материјал кој нуди увид во пристапите, методите и искуствата што произлегоа од работата на менторите и учениците. Таа ја нагласува важноста од меѓугенерациска размена: младите го внесуваат новото време, а менторите со своето искуство го насочуваат нивниот творечки потенцијал.Изложбата и прирачникот се поставени и објавени токму по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Симболично, проектот е и ода на словото, јазикот и културното наследство – прикажано преку современи уметнички медиуми и младинска креативност. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Особена благодарност се упатува и до Културно-информативниот центар – Офицерски дом Битола за беспрекорната организациска поддршка, до Млекара Битола – BiMilk за логистичка поддршка на работилниците, како и до компанијата ГРАФО ПРОМ за професионалните печатарски и продукциски услуги.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »