Press "Enter" to skip to content

На УКЛО Битола одржан настан во чест на талентираните (фото)

Во Студентскиот информативен центар во Битола, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во соработка со Педагошкиот факултет, организираше настан посветен на талентираните млади: „Талентите за УКЛО – УКЛО за талентите“.Настанот претставуваше силна потврда на заложбата на УКЛО за препознавање и развој на потенцијалите на учениците и студентите.Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, со своето присуство ја истакна поддршката за иницијативите насочени кон градење поттикнувачка академска средина. Тој нагласи дека:-Денес имаме задоволство да присуствуваме на настан посветен на идентификацијата и ангажирањето на надарените и талентираните студенти. Морам да напоменам дека Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ – Битола е пионер во ова област, не само во Македонија, туку и на Балканот. Веќе одамна имаме изготвено соодветен Правилник за идентификација и регистрација на талентираните и надарените студенти, а со Правилникот за воннаставни активности утврдивме механизми со кои нивниот ангажман ќе може да биде вреднуван, тие имаат свои бенефиции во начинот на полагање, во начинот на подготовка на испитите и така натаму. Со Правилникот за практична настава ја утврдивме позицијата тутори и денеска го промовираме и тој концепт за надарени студенти – тутори, за да оние кои што се идентификувани како талентирани и надарени, бидат ангажирани во наставата како тутори, да им помагаат на своите колеги студенти во совладувањето на практичната настава и вежбите, но и на професорите во реализацијата на практичната настава. Тоа веќе е овозможено во нашиот Правилник, но сега сакаме да им укажеме на деканите, бидејќи ангажирањето на тутори е во надлежност на деканите, максимално да ја користат оваа можност и да ги ангажираат во наставата оние кои што после тестирањето се веќе идентификувани како талентирани студенти.Проректорите на УКЛО, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска и проф. д-р Јове Димитрија Талевски, како и деканката на Педагошкиот факултет – Битола, проф. д-р Данче Сивакова- Нешковски, го потенцираат континуираниот стремеж кон изградба на инклузивна и мотивирачка академска клима.Настанот беше збогатен и со две значајни промоции. Професорот Љупчо Кеверески и м-р Марина Џепароска автори на „Магичниот свет на детската креативност“, прирачник промовиран од академик Грозданка Трајков и проф. Виолета Арнаудова.Дополнително, беше промовиран и прирачникот „Талентите на дело. Мисловни когнитивни мапи“, создаден од професорот Кеверески заедно со студенти, што е оценето како посебна вредност, од професорите и промотори, Грозданка Гојков и Ранко Рајовиќ.Особено внимание привлече иницијативата „Ден на талентите на УКЛО“, која има за цел да ги афирмира најуспешните студенти на Универзитетот. До сега, титулата „Талент на УКЛО“ ја понесоа шест студенти од различни факултети, заедно со нивните ментори:-Софи Гајтановска (ФИКТ) – ментор: проф. д-р Андријана Боцевска, Кристијан Велјановски (ФБН) – ментор: проф. д-р Дијана Блажековиќ Димовска, Дејан Петровски (Педагошки факултет) – ментор: проф. д-р Марија Ристевска, Тамара Тасеска (Економски факултет – Прилеп) – ментор: проф. д-р Илија Христоски, Ева Нешкоска (Педагошки факултет) – ментор: Силвана Нешковска, Катерина Стојкоска (Технички факултет) – ментор: проф. д-р Филип Поповски.Инаку, проф. д-р Љупчо Кеверески, како истакнат експерт во областа, ја имаше водечката улога во подготовката и реализацијата на овој значаен настан.

More from ВестиMore posts in Вести »