Денес, градоначалниот на општина Битола, Тони Коњановски оствари средба со делегација на Американско-македонскиот археолошко-истражувачки тим, предводен од проф. Николас Ангелоф од Кал Поли Хамболт Универзитетот од Калифорнија, проф. д-р Љубен Тевдовски од Институтот за историја и археологија од Универзитетот Гоце Делчев – Штип и Славчо Кирковски од Институтот за културно наследство и археологија.
На средбата присуствуваа и Џефри Крејн, деканот на Факултетот за уметност, хуманистички и општествени науки и одговорен за меѓународна соработка на Кал Поли Хамболт Универзитетот и претставници на американски компании заинтересирани за соработка во промоцијата на археолошкиот и културниот туризам во Пелагонискиот регион и Македонија.
Градоначалниот Коњановски и членовите на Американско-македонскиот археолошко-истражувачки тим разговараа за развојот на активностите и истражувањата на археолошкиот локалитет Градиште Црнобуки, можностите за проширување на интересот кон други локалитети во битолскиот регион, како и можностите за привлекување на повеќе меѓународни партнери и археолошки тимови од неколку европски и американски универзитети.
На средбата беше потпишан и меморандум за соработка помеѓу општина Битола и Институтот за културно наследство и археологија за заеднички напори во развојот на културниот туризам во градот и на територијата на општина Битола.