Македонското научно друштво Битола во соработка со општина Битола, во ОУ „Елпида Караманди“, организираа интерактивна работилница за учениците од основните училишта во Битола, во кои што се поставени фотонапонски електрични централи.Седум тимови составени од по тројца ученици од основните училишта „Елпида Караманди“, „Коле Канински“, „Стив Наумов“, „Даме Груев“, „Св. Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ и „Крсте Петков Мисирков“, презентираа свои сознанија за енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија, но и сопствени визии како ја гледаат иднината на еколошки „зелена“ Битола.
Градоначалникот Тони Коњановски посочи дека во денешното време на климатски промени, но и загаден воздух, мора да се внимава на заштедата на електричната енергија и квалитетот на животната средина.
-Во 7-те основни училишта, во кои што досега поставивме фотоволтаици, според проценките, заштедата на електрична енергија ќе биде околу 16.000 евра на годишно ниво. Со тие средства секое училиште ќе може да набави опрема, или да санира според сопствените потреби. Нашата заложба е да овозможиме што поголема енергетска ефикасност во сите училишта и работиме на тоа. Но, за нас, како општина значајни се и Вашите идеи и размислувања, бидејќи Вие сте нашата иднина и од Вас очекуваме да ги реализирате целите со кои што нашата Битола ќе биде уште поубав и позелен град, рече градоначалникот Коњановски.Претседателката на МНД Даниела Андоновска Трајковска истакна дека овој настан е реализиран како дел од годишната програма за работа на Одделението за технички науки. Со настанот е важно да се подигне свеста кај децата, односно помладата генерација, за да научат зошто е важно да штедиме енергија и да се грижиме за околината.
-Во училиштата во кои што се поставени соларни панели во Битола, децата треба да знаат зошто тие служат, да разберат како функционираат и зошто се важни за иднината на енергијата. Паралелно со тоа, се развива и еколошката култура кај најмладите. Да станат поодговорни и да ги применуваат енергетски ефикасни навики дома и во училиштето. На овој начин, го поттикнуваме и критичкото размислување, бидејќи преку денешниот настан, децата размислуваат, избираат одговори и учат за нивната иднина, рече Трајковска.
На интерактивната работилница, покрај учесниците од седумте училишта, присуствуваа и голем број наставници, ученици и членови на МНД.