Синоќа Битола имаше вистински празник за уметноста, на сцената на Офицерски дом во Битола, учениците од Државното музичко училиште – Битола настапија заедно со НУ Камерен Оркестар на Битола, а се со идеја ова да прерасне во рекрасна соработка која ги истакна младите таленти и нивната љубов кон музиката.-Настанот не е само обична концертна вечер. Вечерва прославуваме нова соработка помеѓу Државното музичко училиште и Националната установа Камерен оркестар на Битола. Ова партнерство претставува мост помеѓу образованието и професионалната уметност, помеѓу младешката енергија и зрелата музичка експертиза и професионализам, рече модераторот на настанот професорката Маја Митровска.
Државното музичко училиште, основано во 1947 година, е расадник на таленти и гордост на македонската музичка сцена. Од неговите клупи излегле големи уметнички имиња. Со повеќе од 500 ученици годишно, училиштето е симбол на посветеност, дисциплина и љубов кон музиката веќе 78 години. Ова е училиште кое треба да си го чуваме и почитуваме, бидејќи квалитетот и успесите кои тоа ги постигнува, уметничкиот жар и енергијата по која надалеку е познато, како во државава, така и надвор од неа – е реткост.
НУ Камерен Оркестар на Битола претставува институција со повеќедецениска традиција, која од 2013 година доживеа целосна уметничка ревитализација под водство на Владимир Димовски и Никола Трајановски. Оркестарот од тогаш бележи континуиран раст и успех, реализирајќи бројни концерти и проекти на домашната и меѓународната сцена, започнувајќи од дома тука во Битола, па се до Рим и Виена.Оваа соработка помеѓу Државно музичко училиште и НУ Камерен оркестар на Битола, ќе создаде простор за размена на искуства, идеи и инспирација помеѓу младите музичари и искусните професионалци. Веруваме дека оваа соработка ќе донесе нова енергија и креативност во културниот живот на Битола и Македонија. Ќе ги поттикне младите таленти да сонуваат големи соништа и да ги остварат со поддршка од своите ментори и идоли. Нека ова партнерство биде симбол на единство, страст и посветеност кон уметноста. Нека музиката продолжи да не обединува и инспирира.
–Публиката уживаше во инспиративна вечер исполнета со страст, креативност и извонредни изведби. Горди сме на сите ученици, наставници и музичари кои го направија овој настан незаборавен, рекоа од Државното музичко училиште од Битола.