Денес во инфо-центарот на националниот парк “Пелистер“ од Битола се одржа значаен научен собир, кој претставува сериозен исчекор за оваа институција. На собирот учествуваа 23 научници и професори од поширокиот регион, меѓу кои и експерти од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и соседна Грција.
Главната тема на собирот беше “Промените во структурите на шумите во зависност од климатските промени и природните обновливи процеси“, со посебен акцент на моликата (Pinus peuce) – ендемичен и исклучително значаен вид за овој регион. Како беше нагласено денес со овој пристап, со вклучување на научната заедница и размена на искуства, НП “Пелистер“ го поставува темелот за одржливо управување со шумите и природата, согласно со европските и меѓународни стандарди.Директор на НП “Пелистер“ – Битола, Иванчо Тошевски на отворањето на научниот собир рече:
-Како што најавивме изминатиот период, за јавната установа национален парк “Пелистер“, врвен приоритет во наредниот период ќе биде изнаоѓање решенија за проблемот со старата моликова шума – еден од највредните природни ресурси во рамки на паркот. Ова е првпат по неколку децении да се одржи ваков собир со учество на истакнати научници и од странство, што е огромен чекор напред за нас како институција. Заедничката цел е да се дискутираат и идентификуваат најдобрите решенија за заштита и управување со моликовата шума. Особено ни е важно да ги споделиме и научиме практиките што се применуваат во соседните земји, а кои можат да бидат прилагодени и применливи кај нас. Со овој научен настан започнуваме процес на изработка на стручна студија за состојбата и управувањето со моликовата шума, која ќе биде резултат на соработка помеѓу домашни и меѓународни експерти. Оваа студија ќе се базира на научно знаење, внимателно анализирана реалност и ќе има за цел да овозможи долгорочна заштита на моликата – вид од особено значење за Битола, за Националниот парк Пелистер, и за Македонија во целина.Професор Николчо Велковки од УКИМ Скопје – факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинжене
-Денеска имавме чест и задоволство да бидеме домаќини на значаен регионален научен собир, кој се одржа во Националниот парк Пелистер. Настанот ги обедини експертите и научниците од Австрија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грција и Македонија, со цел да разговараме за шумските ресурси, природните обновливи процеси и предизвиците што ги носат климатските промени. Националниот парк “Пелистер“ има што да покаже – старите моликови шуми претставуваат исклучително вреден екосистем, за кој многу од присутните експерти немале можност претходно да се сретнат директно. Овој собир не е само шанса за презентација, туку и за размена на идеи, искуства и решенија. Климатските промени не познаваат граници. Сите земји од регионот се соочуваат со слични предизвици: суши, бури, снегови што предизвикуваат оштетувања, пожари, заболувања и нарушување на природната рамнотежа во шумите. За да се одговори ефективно, потребно е стручно знаење, регионална соработка и заеднички пристап.Експертите од Универзитетот „Аристотел“ во Солун, како и од другите земји, најавија иницијативи за покренување заеднички проекти и аплицирање пред европските фондови, за што веќе започнаа разговиари и за тоа има голема волја за меѓународна соработка, што е исклучително важно за иднината на моликата, но и за шумарството во целина.
-Важно е да напоменеме дека некои од земјите од регионот, иако немаат молика како автохтон вид, поседуваат напредни истражувачки капацитети, лаборатории и институционални механизми, од кои и ние можеме многу да научиме. За жал, кај нас сè уште недостасуваат такви лаборатории, но овој собир е прв чекор кон обезбедување експертска поддршка, технологии и пристап до знаење, неопходно за заштита на моликата и спречување со климатските закани, рече директор на НП “Пелистер“ – Битола, Иванчо Тошевски.
Утрешниот ден е резервиран за теренски активности на локалитетите Бегова Чешма каде учесниците ќе имаат можност директно да се запознаат со состојбата на шумите, штетите предизвикани од невреме, како и со процесите на природно обновување.
Од НП “Пелистер“ очекуваат настанот да резултира со конкретни предлози и идеи за мерки и интервенции. Покрај дискусиите, ќе се организираат презентации, панели и постер-сесии, а утре попладне ќе бидат изнесени и првичните заклучоци од собирот, а сето тоа ќе биде основа за идни активности и стратешки документи.