Press "Enter" to skip to content

Студенти спортисти прогласени за – Амбасадори на УКЛО Битола (фотогалерија)

Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски денес во Ректоратот одржа прием на студенти спортисти на кои им се доделени титули – Амбасадори на УКЛО, при Универзитетот “Св. Климент Охридски“ Битола.Настанот се одржа по високиот пласман на студенти од УКЛО на Државното универзитетско Првенство во пинг-понг 2025 и успешно завршениот УКЛО ОПЕН КОЛОРС 2025 – Универзитетски турнир во тенис.Признанието го понесоа Даниел Зхоу Главевски, кој по вторпат е државен шампион во машка конкуренција на Државното универзитетско првенство во пинг-понг и Антонио Вељановски кој го освои третото место.Меѓу носителите на титулата се и студените: Игор Пејчиновски, Божидар Георгиевски и Душица Ристова првопласирани на УКЛО ОПЕН КОЛОРС 2025.Тие беа во друштво со професорите Викторија Стојковски и Младен Караџоски кои ја потврдуваат улогата на Универзитетот како заедница што промовира здрав начин на живот, телесно и ментално здравје.На средбата, ректорот Неделковски истакна:-Денеска имаме чест и задоволство во Ректоратот да ги примиме нашите студенти кои се и докажани спортисти, нашиот пингпонгарски тим, да поразговараме, да им оддадеме признание и да ги стимулираме и понатаму да бидат активни со своите врвни спортски достигнувања. Приликата е споена заедно со оддавање признание и за учесниците рекреативци на УКЛО ОПЕН КОЛОРС 2025, кои не се пласирани на национален натпревар, тоа се студенти и вработени коишто учествуваат рекреативно и сакаме од сите нив да добиеме деи како во иднина да организираме и рекреативни и натпреварувачки настани на УКЛО.

За доделувањето титула – Амбасадори на УКЛО, ректорот Неделковски истакна:-Признанието Амбасадор на УКЛО значи дека во нивното секојдневно работење ќе го промовираат УКЛО, не само како место каде што се добива европско образование, туку како институција на кој студирањето е многу повеќе од образование, туку и добивање други вештини, тука се и спортско рекреативните активности и на тој начин, да ги привлечеме нашите матуранти да останат да студираат во местото каде што живеат и да привлечеме студенти од надвор – заради квалитетот на наставата, спортот, културата, забавата и други содржини. Во времето што следува, веќе се разгледуваат иницијативи и идеи, УКЛО како членка на Алијансата КОЛОРС да го примени искуството од САД каде што универзитетските лиги се од национално значење, бидејќи спортот е нераскинлив дел од универзитетите.Ова се популаризира и во Европа, а УКЛО сака да биде лидер во регионот – учењето да го спојува и со врвниот и со рекреативниот спорт и затоа, се планира и ќе се предложи во рамките на КОЛОРС, да се формира мини КОЛОРС лига или друга форма, во која и другите партнерски универзитети по примерот на УКЛО да одржуваат спортски активности со вклучување на деветте универзитети од Алијансата, за што би се обезбедил и соодветен буџет, додаде Неделковски.

На средбата во Ректоратот присуствуваше и генералниот секретар м-р Теодора Михајловска.Спортскиот работник, Петар Чакулевски, коорганизатор на УКЛО ОПЕН КОЛОРС 2025, во изминатите три години колку што се одржува турнирот, обезбедува и комплетна техничка поддршка за овој се поквалитетен настан.Како што е познато, УКЛО во континуитет организира активности кои афирмираат спорт и рекреација за да се поттикнува социјализација, инклузија, дисциплина, личен развој, подобро менталното здравје и благосостојба, кои се воедно и вредности на КОЛОРС алијансата.