-“Не мора да отворате, сé е кажано“ или “Ние не сме најдобри, но нема подобри од нас“ се оригиналните реченици на кои е автор сопственикот на пицерија “Шведскио“, Драган Талевски, но за оваа прилика кога неговиот бизнис слави 25 години, кога ги прашавме кој е следниот слоган за јубилејот, ни рече дека нема.
-Ова не е реклама, ова е само потсетување на битолчани за тоа дека пицерија “Шведскио“ слави 25 години, а ако до сега не се имаме докажано кај нашите верни муштерии и ако треба уште да се рекламираме “џабе“ сме работеле до сега, а да бидам искрен, добро се имаме наработено четврт век, ни рече во негов оригинален стил, Драган Талевски – Шведскио.
Пицеријата е отворена кај Офицерски дом, а како вели Шведскио тогаш на овој простор немало угостителски објект, а корзото завршувало кај Камен мост.
-На стартот беше тешко да се работи во еден амбиент кога околу мене немаше други угостители околу мене. Денес состојбата не е како порано, кога на ова место беше само кафулето “Тач“, а потоа и пицеријата “Кај Шветскио“. Тука сега се кафулината “Аеро“ и “Јагода“, хотелот “Треф“, а има објеки и кон Камен мост, а сега го имаме како ориентир и Офицерски дом, вели Талевски, кој вели дека останува верен на традицијата.
-Остануваме верни на муштериите, а мора да биде така бидејќи некои деца кои со своите родители доаѓаа на парче пица, сега се пораснати, убави девојки и момчиња, а мене ми е посебно мило кога ќе ми кажат дека од мали доаѓаат тука, со баби и дедовци, со мајки и татковци.
-Тоа е посебно чувство, а затоа остануваме исти, имаме ист квалитет и ист вкус по кој сме препознатливи, а за односот кон битолчани нека кажат самите. Ние сме презадоволни од нашите сограѓани и затоа продолжуваме и во наредните 25 години така, а потоа нешто ќе менуваме… секако на подобро, вели Талевски кој додава:
-Тимот можеби малку се менуваше, капитенот остана ист, квалитетот и услугата и тоа се менуваше но на подобро…
Жанета Ристевска






