Press "Enter" to skip to content

Алберт Керимов од Битола генерален менаџер во “Gordon Ramsy Bar& Gril“ во Куала Лумпур Малезија – односот, конекцијата со гостите и атмосфера се најзначајни, а кулинарството е уметност (фото)

Жанета Ристевска

Во последните години многу луѓе од Битола и цела држава заминуваат во различни краишта низ светот… Различни реални приказани за живот, работа, докажување… во туѓа земја, со сите тешкотии и предизвици кои ги носи.-Не беше лесно да се замине, заминав со свои 22 години кога сакав предизвици, да се обидам да видам како ќе се снајдам и да заработрам. Ги оставив најмилите… Мојата  кариера започна со работа во хотелски и ресторански брендови  на Блискиот Исток и сега последно во Малезија. Работев во познати хотели и ресторани со пет ѕвезди, различни позиции во угостителството, каде стекнав огромно искуство. Секогаш паралелно се едуцирав — од тренинзи за менаџмент, гостопримство, до специјализирани обуки за луксузна услуга и водење тимови. Тоа ми овозможи да растам и професионално и лично. Кариерата ми започна во Катар -“ IDAM by Alain Ducasse“ и “Salam Hospitality“ каде ми дадоја можност да креирам и создавам концепт па подоцна во Обединетите Арапски Емирати како “Royal M“ и “Rotana Hotel & Resort“ синџир на хотели како специјализиран менаџер за ресторани. Не се плашев од работа. Се качуваав постепено по скалилата на успехот, за да стигнам до позиција генерален менаџер во “Gordon Ramsy Bar& Gril“ во Куала Лумпур Малезија тоа е првиот ресторан на познатиот кувар со Гордон Ремзи, отворен надвор од Велика Британија.Вака започна Алберт Керимов од Битола кој низ разговорот кој го водевме  ни зборуваше за предизвикот да се работи  во земјите на Блискиот Исток, поточно во “fine dining“ луксузни ресторани. Веќе две години работи на позиција генерален менаџер во Gordon Ramsy Bar& Gril  во Куала Лумпур Малезија.  Сето ова го постигнал со труд, постојано докажување, внесување на нови идеи и добра комуникација со луѓе.

-Во работата на овие ресторани на секои 3 месеци се воведуваат нови идеи  во ентериерот, мени, пијалоци… Менаџерскиот тим на состаноци низ бура на идеи внесува новини вели Алберт кој за идејата да се уреди ресторан во кој работел во стилот на книгата “Алиса во земјата на чудата“ ни кажа дека ја носел уште од своето детство кога  фантазирал и бил воодушевен од истата.За себе започна вака…

-Роден сум и израснат во Битола, во детсвото бев многу љубопитно дете и многу креативно.  Секогаш велам дека Битола ме оформи како човек — со својата традиција, култура и луѓе кои ја прават посебна. Средно училиште завршив тука во Битола, а уште од млад сум фасциниран од гастрономија и угостителство. Работев сезонски уште како тинејџер на Широк сокак , што многу ми помогна да научам за професијата. Тој период ме научи дека посветената работа и љубовта кон тоа што го правиш се најважни. Деталите и конекцијата со клиентите го прават моментот.

Зошто ја напуштивте Битола?

-Битола секогаш ќе биде дома, но јас имав желба да учам повеќе, да видам како функционираат најголемите имиња во угостителството. Сакав да се надградувам и да стекнам искуства кои во Македонија тешко би ги имал на тоа ниво. Моја водилка беше желбата да работам во интернационална средина и да се докажам надвор од комфорната зона. Така да целата авантура започна со Аплицирање на програмата Ворк енд Травел што се пренасочи кон Катар.

Заминување за Катар во“ IDAM by Alain Dukasse“ еден од рестораните на познатиот француски кувар со 2 мишелин звезди  Ален Дукас. 

-Заминав во Катар каде се вработив во еден од рестораните на познатиот Ален Дукас, а  ги има 30 тина низ целиот свет. Ресторанот ресторанот “IDAM“ на Ален Дукас  е суперексклузивен со многу високи стандарди за кулинасрво. Сместен на врвот најгорниот кат од Националниот Музеј на исламска уметност во Доха. Ресторанот ја спојува француската софистицираност со богатите вкусови на Блискиот Исток. Со прекрасен поглед на хоризонтот на Доха и Арапскиот Залив, тој ја отелотворува визијата на Ален Дукас луксузот на неговите ресторани. Тука започнав од обичен келнер и стигнав до позиција асистент менаџер. Ќе истакнам дека не може да се стигне до менаџераско место бидејќи мора да се биде по националност Французин или од Мароко, односно да се знае перфектно францускиот јазик. После три години работа отидов во срцето  на Абуд Аби Обединетите Арапски Емирати во Royal M и Rotana Hotel & Resort синџир на хотели како Специјализиран Менаџер за Ресторани.

Како дојдовте до соработка со менаџментот на рестораните на Гордон Ремзи

-Работејќи во овие реномирани брендови, изградив репутација на посветен менаџер кој знае да води тим и да испорача висок квалитет. Во оваа индустрија многу значат препораките и контактите, креативноста, прецизноста и вниманието на детали. Препознавање на маркетот што бара и што треба да се понуди. Така дојдов во контакт со менаџерскиот тим на Gordon Ramsay Restaurants и отворивме разговори. Тие бараа професионалец со искуство во луксузни брендови и со страст кон гастрономијата — и така започна нашата соработка.

Што значи да се биде генерален менаџер на ресторанот “Gordon Ramsay Bar & Grill“ во Куала Лумпур?

-Тоа значи да бидеш одговорен за сè — од тимот, преку финансиските резултати, маркетинг стратегии, дневни тренинзи па се до секојдневното искуство на гостите. Треба да осигураш дека стандардите на Гордон Ремзи се почитувани секојдневно. Работата е динамична и бара фокус на детали, но и способност да инспирираш и мотивираш луѓе. Исто така, треба да се грижи за односот и конекцијата  со гостите и да се создаде атмосфера каде тие ќе се чувствуваат посебно. Нема простор за грешки.

По што се карактеризира менито во рестораните на Гордон Ремзи?

-Менито е комбинација на класични британски јадења и модерни интерпретации, со највисок квалитет на состојки. Нема компромиси со свежината или презентацијата. Гордон Ремзи бара совршена техника и чисти, препознатливи вкусови. Јадењата изгледаат едноставно, но зад нив стои огромна работа и внимание кон детали. Нормално како и препознатливиот “Beef Welington“ на Гордон Ремзи совршен спој на вкусови и текстура.

Дали имате лична соработка и како е да се работи со еден таков готвач во неговиот ланец на ресторани?

-Со Гордон Ремзи имаме комуникација преку неговиот тим и преку официјалните канали на компанијата. Тој е човек со визија, перфекционист и инспирација за сите нас. Работата со него значи високи очекувања, но и многу можности за учење. Гордон сака да биде сигурен дека неговото име стои зад нешто врвно — и тоа е голема чест, но и одговорност.

Дали има и дали планирате да внесете нешто од македонските специјалитети?

-Искрено, многу би сакал. Македонската кујна има толку богати вкусови и приказни што заслужуваат светско внимание. Во моменталниот концепт на ресторанот не е лесно да се вметнат локални јадења, може да се искористат некои состојки локални додатоци но ништо повеќе, бидејќи брендот има  дефинирана кујна. Но, дефинитивно во иднина би сакал да реализирам проект каде ќе ги претставам македонските вкусови на интернационално ниво.

Колку често доаѓате во Битола и како се чувствувате кога сте тука меѓу своите?

-Секогаш кога ќе имам можност, се враќам дома. Нема ништо што може да ја замени Битола — ниту мирисот на утрата, ниту топлината на луѓето. Кога сум тука, се чувствувам опуштено, исполнето и гордо. Тоа ми дава енергија да продолжам понатаму. Се надевам дека еден ден ќе добијам понуда тука во Македонија што би ме и задржало да останам. Сепак имам и прекрасна ќерка која живее тука во Македонија.

Омилено ваше јадење во Битола и ресторанот на Гордон Ремзи?

-Во Битола обожавам тавче-гравче, ајвар, сарми итн тоа ми се вкусови кои ме враќаат во детството. Во ресторанот на Гордон Ремзи, мој фаворит е Beef Wellington дефинитивно — тоа е симбол на брендот и ремек-дело во техниката и вкусот.Идни планови.

-Секогаш сакам предизвици. Кога нешто ќе постигнам, како да не се радувам на успехот и секогаш одам понатаму. Перфекциониост сум и тоа колку не е добро, сепак мене ми помогна во кулинарството бидејќи тоа е уметност каде се треба да е на свое место.

Дали во вашите идни планови ја гледате и Битола?

-Апсолутно. Сакам еден ден да донесам дел од моето искуство назад дома. Можеби преку ресторански проект или менаџирање, советување или промоција на македонската кујна и ресторански менџмент пред поширок свет. Битола заслужува модерни концепти, а јас сакам да бидам дел од таа приказна.Да се охрабриш да заминеш и оставиш во својата земја семејството, пријатели, и да започнешп од нула на свои 22 години е голем успех. Успешната приказна на Алберт Керимов само докажува дека успехот не е случаен. Потребни се ентузијазам, но упорноста, трудољубивоста и доследноста се многу значајни. Сепак најважно од се е конекцијата со луѓето, како што ми кажа Алберт, а тоа е всушност емпатијата и зближувањето кое не познава ниту раса, националност, пол и години. Со своите  35  пред него е целиот свет, кој му посакуваме да го освои.

Фото: Дамијана Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from ИнтервјуMore posts in Интервју »