По десетина години “поминати“ во дворот на Општина Битола , Александар Турунџев ќе си “дојде“ на местото, на кружниот тек кај поранешната “Ветеринарна“ станица, само стотина метри од местото каде е обесен на 30 август во 1905 година од страна на Османлиите.
Се поставува постаментот за споменикот, а по се изгледа на стогодишнината од неговата смрт овој битолски војвода ќе го добие заслуженото место во Битола и во битолската историја.
Турунџев е роден е во 1872 година во с. Горно Врбени), Леринско. Во редовите на ТМОРО се вклучил многу млад, најнапред како четник, а потоа како војвода. За време на Илинденското востание со својата чета зел активно учество во борбите кај Леринско. Станува популарен заради својата храброст и ревност кон природниот стремеж на сопствениот народ да извојува слобода со оружје во рацете. Освен тоа бил силен маж, атлетски граден, висок, со бујна бушава коса, со високо чело и орелски поглед.
Гробот на Турунџев се наоѓа на битолските гробишта “Света Недела“. Неговата смрт е опеана во народната песна „Црно му било пишано“.






