-Четворицата мајстори по кларинет Исмаил Лумановски, Горан Бојчевски, Благојче Трајковски од Битола и Благој Ламњов од Велес се собраа од сите страни на светот и одржаа незаборавен концерт во Хераклеја во Битола каде ги покажаа своите мајсторските вештини и целото свое знаење.
Во прекрасната летна ноќ под звезденото небо во амфитеатарот Хераклеа во Битола кларинетски спектакл приредија четворицата виртуози на кларинет Исмаил Лумановски, Благојче Трајковски, Горан Бојчевски од Битола и Благој Ламњов од Велес. Тие приредија емотивно музичко патување, емотина „Кларинетска одисеја“ во Битола, а настапуваа со соло изведби и во дуети.
Кларинетска одисеја со композиции од македонската народна ризница, џез, класична музика, евергрини…
“Битола мој роден крај“, “, „Lily – Waltz for Chicago“, темпераментното „Flamenco“, виртуозното „Стамболско“, емотивната „Schindler’s List“, спојот на „Калеш Анѓа“ и „Калајџиско“, потоа „Кољо“, динамичното „Касапско оро“, „Sheva“, делото на Вивалди, како и композициите „Зејтинлиско“, „Пелистерско“, „Етно Via Bairot“, „EZ Pass“…
Четворицата виртуози покрај „обраќањето“ со својот кларинет секој се обрати кон публиката со зборовите.
Виртуозот Исмаил Лумановски емотивно ја поздрави публиката и кажа:
-Со Благојче трајковски се дружевме и свиревме, вежбавме уште на свои 12, 13 години најпрво македонска традиционална музика. Ние тројца сме од Битола, а Благој е од Велес но го зедовме бидејќи е многу талентиран, низ хумор кажа Исмаил за своите колеги.
При тоа му оддаде почит на најзаслужниот кој им ја всадил љубовта кон кларинетот и музиката и денес се тоа што се, професор маестро Панде Татарчевски.
Исто така ги поздрави оние кои го насочувале музичарите композитори маестро Стојан Трајковски кого го нарече кларинетска икона и Тале Огненовски виртуоз на кларинет со изведби кои спојуваат македонска музика, џез и класична музика.
Маестро Горан Бојчевски ги одушеви битолчани покрај со изведбите со кларинет и со свирењето со кавал, а свиреше истовремено и со два кавали и тоа преку нос.
-Со овие мои колеги, после 20 години, повторно се вратив во детството. Со Исмаил и Благојче растевме заедно и вежбавме некаде во визбите на Музичкото училиште, но ентузијазмот и љубовта кон музиката беа толку големи што би рекол Бог, повторно не здружи заедно, рече Бојчевски, кој пред битолчани се претстави и со со неговото дело „Девeтенаесетка“ која се изведува на универзитет во Салцбург.
Благој Ламњов по потекло од Велес, емотивно кажа дека нема зборови кои би ги опишал своите емоции и импресии оваа прекрасна вечер и кажа дека само ќе свири и до публиката маестрално се „обрати“ со својот кларинет. Потоа за својата композицијата „Flamenco le Macedonia“ кажа дека ја направи за да ја покаже својата „cool“и виртуозна страна наспроти емотивната, за да ја освои љубената, а ја отсвири и “Лили – воз во Чикаго“.
На крајот маестро Благојче Трајковски искрено кажа:
-Вечерва ние би свиреле и неколку денови пред вас, не ни треба ни леб, ни вода, храна бидејќи вие не “храните“ со вашите емоции, аплаузи и почит. Голема благодарнсот би кажал до директорот на КИЦ Битола Благојче Божиновски чија оригиналана идеја беше да се собереме и да настапиме сите заедно. Овој настан е резултат на многу труд и соработка помеѓу Општина Битола, КИЦ, Народен театар и Центар за култура, а БИТ ФЕСТ е најголемото културно летно случување во нашата држава.
Но, и битолската публика не остана рамнодушна и му одговори дека и ние битолчани би можеле да ги слушаме нив три дена, како вистиски преставници на нашата културна Битола, која ја аформираат низ цел свет, со традицијата и културата која тие ја пренесуваат и од ден на ден ја збогатуваат.
Концертот беше збогатен со поезија од „Елегии за кларинетот“, на авторот проф. д-р Зоран Пејковски, изведени од актерката Јулијана Мирчевска кои моќни зборови одекнуваа во ноќта.
-И веќе не постои ден, веќе не постои ноќ, постои само еден трепет, еден здив, восклик на душата и тоа е звукот на КЛАРИНЕТОТ. Не е тоа свирка, тоа е воскресение. Св Гоце се појавува и вели „НЕ УМИРА НАРОД ШТО ВАКА ПЕЕ“, а би додала и СВИРИ…
Покрај четворицата виртуози кои настапија на оваа музичка одисеја, музички перформас на хор “Коруновска Арс Нова” со диригент Марина Коруновска при што концертот беше еден спој на вокалната и инструменталната музика, преку симбиоза на македонската прекрасна музика.
Главен координатор на содржинскиот концепт на настанот беше Оливер Јосифовски музичар кој настапи на сцената со останатите врвни музичари : Давор Јордановски на пијано и клавијатури, Алек Секуловски на тапани, Зоки од “Конгите“, Ади Имери на акустични и електрични гитари, Ристо Крстевски на хармоника, Илија Мицев на труба и Александар Петров на тапан.
Звукот на кларинетите во рацете на четворицата виртуози беше експресивен во летната звездена ноќ во античкиот театар Хераклеа. Со техничка брилијантност и емоционална длабочина тие ја воодушевија публиката која ги наградуваше со силни аплаузи и ги врати на бис. Тоа беше „Кларинетска одисеја“ која долго ќе се памети.
Жанета Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска











