Press "Enter" to skip to content

Распишани локалните избори, првиот круг на 19. октомври

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска, 9 август 2025 година,  ги распиша локалните избори во Македонија на кои треба да се изберат градоначалници и членови на советите на сите 80 општини и Градот Скопје.

Денот на гласање во првиот круг ќе биде 19 октомври 2025, додека вториот ќе се одржи две недели подоцна, на 2 ноември.

Во првиот круг треба да бидат избрани новите состави на општинските совети, додека за градоначалник ќе се смета дека е избран оној кој освоил мнозинство гласови под услов на гласање да излегле барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина.

Според правилата, ако ниту еден од кандидатите не го исполни потребниот услов, се одржува и втор круг во кој граѓаните бираат меѓу двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови.

На осмите по ред локални избори во Северна Македонија, ќе се бираат градоначалници и советници во сите 80 општини и во Градот Скопје. Државата за овие избори предвиде 9,7 милиони евра. Голем дел од кандидатите веќе се познати. Кампањата официјално ќе започне 20 дена пред денот на гласање.

Државната изборна комисија ги усвои роковите за сите дејствија за одржување на Локалните избори 2025, поднесување листи на кандидати до 13 септември, кампањата ќе почне на 29 септември.