Претставата на Народниот театар Битола „Ноќта кога ја убив месечината“, својата 26. изведба ја доживеа синоќа на полна месечина на Големо Езеро (2.218 мнв), Пелистер.
Настанот беше организиран од ЈУНП Пелистер во соработка со НУ народен Театар Битола и Битолски камерен оркестар со поддршка на Општина Битола и ТППЕ Битола и други кои помогнаа овој настан успешно да се реализира.
Совршениот спој на вечноста отсликана низ отсјајот на полната месечина на површината на езерото и моќната енергија на актерите инспирирани од мирот и спокојот на природната сцена, надополнети со желбата на публиката да се доживее едно ново патување низ реалноста на секојдневието, ја направија оваа изведба многу повеќе од обична театарска уметност.
Убавините на природната сцена на моменти делуваа и помалку нереално, а присутните ја проследија театарската претстава во неверување дека и тие се дел од еден магичен миг на вечноста.
Драмската претстава е во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања. Музиката за претставата беше во живо во изведба на членови од Битолскиот камерен оркестар.











