Press "Enter" to skip to content

13. издание “300 Работи, Триста“ – фестивал за литература и аудиовизуелна уметност во Битола

-Под мотото „Од збор до свет: фестивал што гради уметност“, тринаесеттото издание на овој препознатлив настан ќе се одвива од 11 до 13 август 2025, на повеќе културни локации во Битола.  Овој фестивал е единствен по својот формат – комбинација на книжевни промоции, визуелни уметности, кратки филмови, изложби и дијалози со автори.

„300 Работи, Триста“ не е само фестивал – тој е културна иницијатива што ја постави Битола на мапата на современиот уметнички израз Тоа е Фестивал за литература и аудиовизуелна уметност кој веќе 13 години последователно се одржува во Битола, и ова лето ќе ги отвори вратите за љубителите на литературата, уметноста и културниот дијалог.

Поразговаравме со идејниот творец на овој фестивал авторот Игор Трајковски – Фоја кој изјави:

-Тоа е повеќе од фестивал –13 години светови изградени од зборови, платформа за културен развој. Со издадени повеќе од 20 оригинални публикации – од романи и збирки поезија, до научни трудови и визуелни книги – оваа иницијатива го негува македонскиот јазик, ја поддржува локалната сцена и отвора простор за младите автори да го претстават својот глас. Фестивалот е во организација на Здружение ЛАТЕРАЛ – Битола, и е финансиски поддржан од Општина Битола, како дел од официјалната програма на Бит Фест 2025. Ова година тринаесто издание на фестивалот и секоја фестивалска вечер носи нова тема, нов глас, ново креативно искуство.

 За програмата на годинашниот фестивал Трајковски додава:

-11 август афе-книжара „Пионерски“ / 20:15. Фестивалот ќе започне со проекција на краткиот игран филм „Северен пол“ на режисерката Марија Апчевска-Петровска, филм што беше дел од официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал – гордост за македонската кинематографија и за самиот град, имајќи предвид дека Апчевска е родена битолчанка. По проекцијата ќе следи промоцијата на „Колегиумски записник 012“, дванаесеттото издание на оваа уникатна публикација која повеќе од една деценија ја собира и документира креативната енергија на млади и афирмирани автори од различни области. Под темата „Од збор до книга – заедно оживуваме приказни“, изданието претставува синтеза од литература, визуелни уметности, фотографии и илустрации. Настанот ќе биде проследен со изложба на уметнички дела застапени во публикацијата. Благодарение на долгогодишната соработка со Чешката национална библиотека, „Колегиумски записник 012“ ќе биде достапен и во библиотечната збирка во Прага, како дел од меѓународната промоција на македонската уметност.ж

-На 12 август / Локал „Радост“ / 20:30 е втората фестивалска вечер е посветена на „Девасмитха и Дхамапада“ – книга на м-р Зоран Таневски, која претставува длабока синтеза на источна духовност и визуелна интерпретација. Делото ја спојува древната мудрост со современа ликовна естетика и ќе биде презентирано преку мултимедијален пристап и изложба на делата кои ја сочинуваат оваа необична книга.

-13 август / Локал „Везилка“ / 20:30 Финалната вечер на фестивалот ќе го одбележи авторот Сашо Паркет, со промоцијата на неговата нова книга „Мало амортизерче“ – интимен духовен патепис и автобиографска проза која тематизира себеспознавање, градење личен свет и движење низ маргините помеѓу источната аскетска традиција и западниот урбан пулс. Делото е навистина ретко книжевно сведоштво, кое љубителите на неговиот лик и дело со сигурност нема да го пропуштат.

Поддршката на локалната самоуправа и континуитетот на настанот претставуваат доказ за важноста на културните иницијативи кои се развиваат органски – од заедницата, за заедницата. Фестивалот „300 Работи, Триста“ ве повикува да бидете дел од оваа тридневна културна авантура – влезот е слободен на сите настани. 

Жанета Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »