Улиците и парковите во Битола вчера беа исполнети со младинска енергија, креативност и зелена активност. Повеќе од 30 млади од Пелагонискиот регион и 9 граѓански организации , обединети преку Регионалната Платформа за Млади, излегоа на терен за да покажат дека отпадот може да добие нова приказна – ако му дадеме малку имагинација и љубов кон природата.
Денот започна со „Еко лов на богатство“ – динамична игра во која мешани тимови од различни општини тргнаа низ Тумбе кафе, Кај авионите и Градскиот парк во потрага по „скриените богатства“ на градот: отпадот кој другите го оставиле зад себе. Мисиите беа сè освен досадни – од сортирање отпад по боја, до снимање TikTok видеа, пишување еко-поезија и креативни „пред и потоа“ фотографии.
Но вистинската магија се случи во апциклирачката работилница – таму пластичните шишиња се претворија во каси за парички, старите тегли во светилки, а отпадните садови во украсни саксии. Секој предмет беше доказ дека апциклирањето не е само еколошка потреба, туку и уметност.
„Кога на нешто старо ќе му дадеш нова функција, не спасуваш само предмет – спасуваш и дел од планетата,“ порачаа младите, додека низ видеа ја раскажаа својата приказна до врсниците низ целата Пелагонија.
Дел од програмата беше и интерактивното предавање на Марија-Магдалена Петковска Микаровска од организацијата „Слој по Слој“, која ги запозна младите со светот на second-hand културата и одржливата потрошувачка.
Акцијата заврши со јавна изложба, споделување впечатоци и доделување награди – но и со нови идеи како заедно да се продолжи во борбата за почиста, поубава и поодржлива Пелагонија.
Овој настан е дел од проектот „Младински политики по мерка на младите“, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика Мобилитас а го организираше Европска Гледна Точка од Новаци во тесна соработка со Про Локал од Битола. Акцијата е една од мерките усвоени на Регионалната Платформа за Млади, која од идеја до реализација ги обедини сите 9 граѓански организации и 9 општини во заедничка мисија: младите да бидат двигатели на позитивни промени.






