На 5 август 2025 за прв пат од постоењето на култниот центар за културни настани и независна уметност “Loft 7” за јавноста се отвори изложбата на македонските уметници Гаврил Докулески од Битола и Елена Елче Димова од Велес насловена “Цената на Разумот“ – “The Price of Reason“.
“Loft 7” е еден од најпознатите мултифункционални центри во Сиднеј, кој се наоѓа во историската Hibernian House, 342 Elizabeth Street, Surry Hills. Можеби најпознат по настапот на Ед Ширан кој за првпат одржа приватен концерт во Сиднеј токму на таа локација. “Loft 7” за прв пат од своето постоење беше домаќин на изложба на уметнички дела и ќе ја продолжи оваа пракса збогатувајќи го културниот живот во Сиднеј.
Изложбата насловена ,,Pretium Rationis”– ,,Цената на Разумот” е колекција од повеќе мултимедијални дела претставени како серии во авторство на Елена Елче Димова и Гаврил Докулески, млади визуелни уметници од Македонија кои со своето претставување ја разнишаа уметничката сцена во Сиднеј.
Секоја индивидуална серија е приказна за себеси, која ги носи мислите и гледиштата на авторот во своевремието во кое твори, или кратко кажано, секоја серија е една форма на огледало која авторот ја држи кон јавноста. „Passport“ – серија од 6 слики кои ја прикажуваат патеката што ја одиме низ животот и белезите што ги оставаме на себе и на нашата околина. Секоја слика ја отсликува фрагментираната и понекогаш искривена перспектива што ја носиме со себе како неминовен дел од нашиот животен пат.
„The Golden Red“ е серија од слики кои ја разоткриваат внатрешната женска демократија — совет од пет гласови кои истовремено се борат и се поддржуваат. Секоја композиција ја поставува фигурата во безпросторност исполнета со злато, орнаменти и мотиви инспирирани од филигран и православни црковни одежди — симболи на духовност, раскош и истовремено затвореност во догма потенцирајќи ги наметнатите очекувања. Зад таа наметната естетика, секоја од нив претставува различен психолошки глас: разумот, страста, стравот, радоста и интуицијата.
Овие женски ликови не се надворешни,тие се автопортрети на психологијата на уметницата, делови од нејзиното внатрешно „јас“, сценографија на умот каде одлуките се обликуваат како молитва, искушение или предизвик. “The Menu“ – девет слики кои ја претставуваат брзата и трансакциона природа на денешната привлечност, врските и начинот на кој луѓето се поврзуваат, како еден вид Uber Eats мени за брза храна која го убива организмот. „Of Mice and Woman” е серија цртежи кои зборуваат за внатрешниот дијалог на жената, за тоа како мислите можат да бидат и благослов и штета.
Глувците стануваат мост меѓу физичкиот свет и невидливиот внатрешен хаос, постојано скриени будни наљудувачи кои предизвикуваат страв и анксиозност претставени низ алегорија, орнаменти и злато. „PanDemonium: ST3F4N” е мурал кој е уништен и реконструиран, тој преку својата трансформација и непокорност претставува една ментална состојба на неопходно зло, кое мора да го сносиме да преживееме одредени моменти, но тоа сепак останува засекогаш дел од нас, колку и да го криеме и ништиме, тоа е цената која сме ја платиле.

“The Road,, е сегмент од циклусот “Missing Values”, интерактивно и мултидисциплинарно дело во кое уметницата се поставува себе си во улога на креатор на настани кои би можеле да се случат доколку правилно се изменторирани во различни аспекти препишувајќи ги пропустите на општествениот систем низ иницијален импулс за соочување со колективната индиферентност и апатија пред замижаните очи на јавноста, во обид да се заштити емоционалната и психичката благосостојба на поединците и заедницата. Ова дело води стремеж да поттикне критичко согледување на општествените структури, доминантните наративи, институционалните пропусти и социјалната девијација, како и да иницира дискусијата за потребата од промена на законските рамки и функционирањето на институциите, а истовремено да влијае на колективната свест и општествената трансформација низ аугментирана реалност.
Додека вториот сегмент од Missing Values – The Digital Prints, All That Glitters се состои од 6 дигитални графики со црковна позлата кои го одсликуваат обидот да се спојат дисциплини по секоја цена со цел да се пополнат недостатоците за чие постоење нема друг виновник освен самите себеси.
Гаврил Докулевски е роден во Битола и се занимава уште од најмала возраст со карикатура, графика, дизајн анимација и вајарство. На десет годишна возраст објавува неколку карикатури во “Битолски весни“, “БЕЗ Навреда“ и “Остен“ а го оживеа со анимација и стрип ликот на “Чкембо“ по повод 50 години јубилеј на Блаже Докуле. Гаврил Докулевски сега живее и работи во Сиднеј, Австралија. Во Скопје дипломира на ФЛУ вајарство и графички дизајн во класата на проф д-р Дарко Башевски.
Родена во Велес, Македонија, Елена Елче Димова уште од рана возраст решава својот животен пат да го посвети на уметноста. Нејзините средношколски часови се изминати во цртање анатомија. Подоцна таа ги започнува своите студии на факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде се стекнува со диплома и магистратура по графика и конзервација и реставрација. Нејзиниот творештвен и животен пат секогаш се поклопуваат низ годините, таа во заедницата како член е зоограф, професор по ликовно образование, директор на приватно училиште за уметност „Велец Арт Центар- Контура“ и културен амбасадор на град Велес.











