Во Битола на 26 август 2025 година, се одржа Меѓународната завршна конференција на Еразмус+ проектот „ИнКултура – Поттикнување социјална иновација и претприемништво во меѓукултурен и меѓурелигиски контекст“. Конференцијата, која ја организираше Институтот за туризам, едукација и менаџмент – ИТЕМ, собра повеќе од 60 учесници, меѓу кои едукатори, истражувачи, претставници на јавни институции, граѓански организации и партнери од Македонија и Европа.
Настанот потврди дека проектот „ИнКултура“ успеа да го реализира своето двегодишно патување со значајни резултати и со создавање на трајни вредности во областа на образованието.
Учесниците истакнаа дека излезните резултати – курикулумот за социјална иновација и претприемништво, тренинг материјалите и дигиталната платформа (е-кампусот) – претставуваат драгоцена придобивка за сите кои работат во областа на образованието на возрасните, но и пошироко.
Еден од клучните заклучоци беше дека овие ресурси имаат потенцијал да се применуваат не само во програмите за образование на возрасни, туку и во формалното образование, особено во повисоките класови на средните училишта.
Со тоа, резултатите од проектот се препознаваат како алатки кои можат да ја надградат наставата, да го поддржат процесот на интеграција и да овозможат поголема инклузивност во образованието.
Посебен акцент на конференцијата беше ставен на дигиталниот е-кампус, кој беше препознаен како сериозна и корисна алатка за современа едукација и на возрасни и на млади. Со својата достапност, флексибилност и мултимедијални содржини, платформата овозможува иновативен начин за учење и социјална поврзаност, кој може да се користи и пошироко во европски контекст.
Дискусиите покажаа дека проектот ја исполни својата мисија да гради мостови меѓу културите и религиите преку образование, дијалог и социјална иновација. Дел од учесниците предложија наставната програма и платформата да бидат интегрирани во формалното образование, особено во наставните предмети насочени кон интеркултурно учење и граѓанско образование.
Конференцијата заврши со заеднички заклучок дека проектот ја надмина својата цел, градејќи мостови меѓу културите и религиите преку образование, иновација и соработка.
Конференцијата остави една заедничка порака дека Конференцијата „ИнКултура“ не претставува само завршница на проектот, туку е почеток на нови можности за соработка и унапредување на образованието во мултикултурни и мултирелигиски контексти.
Фото: Дамијана Ристевска






