Press "Enter" to skip to content

Универзитетска летна пракса 2025: Студенти од УКЛО Битола активно вклучени во институции од локалната самоуправа

Проектот „Универзитетска летна пракса 2025“, кој годинава по трет пат се реализира под покровителство на Центарот за кариера, алумни и доживотно учење – КРЕДО при УКЛО Битола , опфаќа 44 студенти од различни единици на Универзитетот. Студентите се распределени во три циклуси: јули, август и септември, и реализираат едномесечна пракса во институции од јавниот сектор.

Новина оваа година е проширувањето на програмата и вклучувањето на Општина Прилеп, а во тек се подготовките за приклучување и на Охрид во наредните фази од проектот – со што УЛП станува регионален модел на практична едукација во соработка со локалните самоуправи.

Општина Битола, која од почетокот ја поддржува иницијативата, и ова лето е домаќин на најголем дел од студентите-практиканти, вклучени во секојдневни работни процеси во јавните претпријатија и административните служби.

Проектот УЛП има за цел да им овозможи на студентите реална работна средина во која ќе можат да ги применат и надградат стекнатите академски знаења. Истовремено, институциите добиваат поддршка во летниот период, кога дел од администрацијата е на годишен одмор.

Проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска една од клучните иницијатори на концептот на Универзитетската летна пракса, посочува дека оваа програма успешно ги спојува искуственото учење и професионалната подготовка, како клучни делови на современото високо образование. На тој начин, УЛП придонесува за развој на квалитетен и подготвен кадар, способен да одговори на реалните потреби на пазарот на трудот и локалната заедница.

Во духот на КОЛОРС алијансата, https://uklo.edu.mk/colours/ студентите на УКЛО и оваа година покажуваат високо ниво на ангажман, одговорност и стремеж за личен и професионален развој – вредности што ги дефинираат како активни граѓани и студенти со европска ориентација.

Третото издание на УЛП, со новата група практиканти, ќе заврши на крајот од септември,  непосредно пред стартот на новата академска 2025/2026 година.