Press "Enter" to skip to content

На УКЛО Битола се раѓаат идни професионалци, визионери и двигатели на промените

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, секој студент има простор да го истражи својот потенцијал, да сонува големи цели и да гради пат кој остава трага. УКЛО постојано создава услови младите да се развиваат во целосни личности – подготвени за предизвиците на современиот свет.

Во таа насока, особена вредност имаат платформите кои ја надополнуваат наставата со реални искуства. Една од нив е Алијансата КОЛОРС https://uklo.edu.mk/colours/ –  моќен двигател на студентска активност, преку која младите добиваат можност да учествуваат во креативни, интердисциплинарни и европски ориентирани теми.

Во овој циклус објави ги претставуваме двете добитнички на престижното признание „Инженерски прстен“ – дипломки на УКЛО, кои со својата посветеност, визија и резултати се вистински пример за тоа што значи да се биде дел од оваа академска заедница.Катерина Стојкоска – Технички факултет – УКЛО, добитничка на признанието „Инженерски прстен“

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола низ годините создава генерации млади луѓе кои својот пат го градат со упорност, креативност и визија. За мене, студирањето на УКЛО беше вистинско патување кое ме обликуваше не само како студент, туку и како личност. УКЛО не е само место за образование, туку простор каде што се развиваат талентите и идеите на младите.

Мојата приказна започна со вклучувањето во PR тимот, а потоа и со членството во Алијансата КОЛОРС. Еден од најзначајните моменти за мене беше редизајнот на „Универзитетскиот глас“, на кој му дадов посовремен изглед. Особено сум горда на учеството во создавањето на „Студентскиот магазин УКЛО КОЛОРС“. Ова списание ја отсликува студентската енергија и креативност и е создадено токму за нас – студентите. Работењето уште на првиот број ми овозможи практично да го применам знаењето и ја зајакна мојата страст кон студиите и желбата постојано да напредувам.

Мојата посветеност беше забележана, па така бев добитник на наградата за најдобро дипломиран студент на Техничкиот факултет – Битола, како и признанието „Талент на УКЛО“. Овие награди се потврда дека трудот и вложената енергија не остануваат незабележани и дека секое вложено време носи резултати и гордост.

Во моментот сум студент на втор циклус студии на Технички факултет – Битола, на отсекот за графичко инженерство и дизајн, а воедно и демонстратор.

Добивањето на најпрестижната награда, „Инженерскиот прстен“, е белег на сето досегашно студирање, на вложениот труд и мотивација да продолжам да се усовршувам и да ги искористам новите можности кои следат. УКЛО не е само место за образование – тоа е простор каде студентите се препознаваат, се поддржуваат и се мотивираат. Универзитетот верува во нашите способности, ги поттикнува креативните идеи и го вреднува трудот, инспирирајќи нѐ постојано да се развиваме и да создаваме повеќе.Така зборува Катерина Стојкоска – доказ дека успехот се гради со труд, напор, залагање и визија. Нејзиниот пример е инспирација за сите идни студенти на УКЛО.

На УКЛО, ваквите успеси не се случајни. Тие се резултат на поддржувачка академска средина што го вреднува квалитетот, ги препознава талентите и создава услови за нивен развој. Дел од таа поддршка се и студентските платформи како КОЛОРС – можност за практично искуство, соработка и европски перспективи.Овие успешни приказни се потсетник дека сè започнува со првиот чекор – а УКЛО е место каде што тој чекор прераснува во вистински напредок.