Press "Enter" to skip to content

Зајакнување на научно-истражувачките капацитети на УКЛО Битола со значајни резултати

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со особена гордост ги истакнува најновите успеси на своите единици во областа на научно-истражувачката дејност, преку одобрените проекти поддржани од Министерството за образование и наука. Овие проекти се признание за квалитетот и научната зрелост на наставно-научниот кадар на УКЛО, како и на младите истражувачи кои активно придонесуваат кон унапредување на знаењето во различни области.

Истовремено, овие достигнувања претставуваат доказ за академската средина што УКЛО ја негува – која ги поддржува, туку и активно ги поттикнува научната љубопитност, критичкото размислување и интердисциплинарниот пристап. Токму ваквото окружување го прави УКЛО вистински избор за сите оние кои се стремат кон напредна академска надградба преку втор и трет циклус студии чиј суштински дел е научно-истражувачката компонента. Студентите имаат можност да го продлабочат своето знаење и да бидат активни чинители во создавањето на нови решенија за современите општествени предизвици.

Низ серијал, Битола њуз се осврнува на седум проекти што ја рефлектираат стратешката посветеност на Универзитетот на научното истражување, иновацијата и развојот.

Технолошко-технички факултет – Велес

Научно-истражувачки проект: „Математички модели во машинско учење за паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност“ главен истражувач, проф. д-р Весна Антоска Knights Проектот има за цел развој на интегриран интелигентен систем кој комбинира машинско учење,математичко моделирање од дрон и сензорски податоци за подобрување на земјоделското производство и формулирање на храна со повисока додадена вредност.

Иновативноста се состои во првично поврзување на реално-временски податоци од сензори (влажност, pH, температура, азот, фосфор, калиум), превентивни фактори (мраз, суша), дронски снимки и лабораториски анализи со ML модели за предвидување и оптимизација на нутритивни својства. Ќе се развие систем за поддршка на одлуки (DSS) кој ќе овозможува визуелизации, алгоритамски препораки и реално-времени анализи со практични предлози.

Целите на проектот се: развој на инфраструктура и прибирање на мулти-сензорски податоци, развој на интелигентни модели и оптимизација на нутритивна вредност и пренос на знаење, подигнување на капацитети, апликација и дисеминација се оценети според важноста и придонесот.

Имено, проектот обезбедува навремена превенција од фактори што влијаат врз квалитетот и нутритивната вредност на производите, континуираното следење – од производство до финална преработка – ќе придонесе за повисока додадена вредност, подобра хранлива вредност и гарантирана безбедност. Воедно, се воспоставува мост помеѓу научните истражувања и практичната примена, поттикнувајќи одржлив развој, дигитализација и иновации во агросекторот и прехранбената индустрија.

Проектот е усогласен со европските приоритети (Horizon Europe – Cluster 6: Food, Bioeconomy, Agriculture, Environment и Cluster 4: Digital, Industry and Space), како и со националната Стратегија за смарт специјализација. Во Научно-истражувачкиот проект на ТТФ – Велес, вклучени се неколку клучни институции: покрај матичниот, Технолошко-технички факултет – Велес придонес кон целите имаат и Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола, Факултетот за биотехнички науки – Битола и Факултетот за прехранбена технологија и биотехнологија, Универзитет во Загреб.

Проектот претставува значаен исчекор во развојот на интердисциплинарни решенија што ги обединуваат агротехнологијата, нутриционизмот, машинското учење и математичката оптимизација. Преку активно вклучување на студенти и млади истражувачи, се зајакнуваат истражувачките капацитети и лабораториската инфраструктура, при што резултатите имаат потенцијал не само за комерцијална примена, туку и за поттикнување на дигитална трансформација во земјоделскиот сектор.

Овие активности се целосно усогласени со стратегиската ориентација на УКЛО за градење конкурентна и одржлива истражувачка основа, интернационализација и активно учество во европскиот истражувачки простор. Како полноправна членка на КОЛОРС Алијансата, УКЛО дополнително ги консолидира своите напори за транснационална научна соработка и поврзување и со други водечки иницијативи – со што ја зацврстува својата позиција како модерен и истражувачки ориентиран универзитет и им отвора пошироки европски перспективи на своите студенти на трите циклуси на студирање.