Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со особена гордост ги истакнува најновите успеси на своите единици во областа на научно-истражувачката дејност, преку одобрените проекти поддржани од Министерството за образование и наука. Овие проекти претставуваат признание за квалитетот, истрајноста и научната зрелост на наставно-научниот кадар на УКЛО, како и на младите истражувачи кои активно придонесуваат кон унапредување на знаењето во различни области.
Низ серијал се осврнуваме на седум проекти што ја рефлектираат стратешката посветеност на Универзитетот на научното истражување, иновацијата и развојот.
Научeн институт за тутун – Прилеп
Научно – истражувачки проект: „Информативен систем за агрохемиски својства и загаденост на земјоделските почви“ – главен истражувач, проф. д-р Билјана Јорданоска Шишкоска. Проектот има за цел да изработи сеопфатна проценка на квалитетот на земјоделските почви во Република Северна Македонија, преку современи методи за анализа на плодноста, присуството на хранливи елементи и потенцијалните загадувачи. Со примена на напредни GIS технологии ќе се создадат детални карти за просторната распределба на нутриентите и потребите за ѓубрење, што ќе овозможи прецизно и одржливо управување со почвените ресурси. Крајниот резултат е воспоставување на национална GIS платформа која ќе ги интегрира сите добиени податоци и ќе биде достапна за научници, земјоделци, институции и јавноста, со постојана надградба и поврзување со глобалните иницијативи во областа.
За Научниот институт за тутун – Прилеп, како дел од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проектот претставува значаен чекор кон унапредување на научно-истражувачката дејност и примена на иновативни технологии во земјоделието. Тој го зајакнува капацитетот на Институтот за соработка со тутунските компании преку обезбедување релевантни и прецизни податоци за состојбата на почвите, што ќе помогне во оптимизација на производството, подобрување на квалитетот и одржливо управување со ресурсите. На тој начин, Институтот го задржува приматот како клучен партнер и посредник меѓу науката и практиката во интерес на земјоделскиот сектор.
Овие активности се целосно усогласени со стратегиската ориентација на УКЛО за градење конкурентна и одржлива истражувачка основа, интернационализација и активно учество во европскиот истражувачки простор. Како полноправна членка на КОЛОРС Алијансата, УКЛО дополнително ги консолидира своите напори за транснационална научна соработка и поврзување и со други водечки иницијативи – со што ја зацврстува својата позиција како модерен и истражувачки ориентиран универзитет и им отвора пошироки европски перспективи на своите студенти на трите циклуси на студирање.