-Одиме јако и без пардон, само Битолски бон-тон!
Со поголем број настани навивачката група “Чкембари“ од Битола го прослави својот 40. роденден, а централната манифестација се одржа како и доликува низ центарот на Битола. Се славеше од плоштадот “Магнолија“, преку Широк Сокак, на “бутки“, а се заврши во спортската сала “Боро Чурлевски“ на ракометниот натпревар од Лигата на шампиони на Еурофарм Пелистер.Прославата започна во 17 часот на “Магнолија“ каде имаше и голем концерт со музичка група и ди-џек, со многу навивачки песни, со навивачки реквизити, со пиво, со бакли и многу средви, на навивачите од сите категории.
Секако им се оддаде признание на основачите на најстарата навивачка група во Македонија, кои со организирано навивање започна, пред 40 години, во 1985 година, на 25 септември.
На “Магнолија“ беше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој им упати честитка и рече:-Секогаш и секаде за Пелистер, 40 години “Чкембари“, навивачката група која остави длабок печат во спортскиот и културниот идентитет на градот. “Чкембари“ во изминатите четири децении непрекинато ги поддржуваат битолските клубови под знамето на Пелистер. Нивните препознатливи бои се зелено-бела, а северната трибина е нивниот “дом“ на натпреварите.
Јубилејот „40 години Чкембари“ е повод Битола да се потсети на многубројните дербија, европски натпревари и големи победи на Пелистер, но и на дисциплината, континуитетот и страста што групата ги одржала во континуитет од 1985 до денес. Во јавните профили на групата се истакнува дека годишнината не е само датум, туку континуитет и стандард што Чкембари го поставиле на домашната сцена.
“40 години љубов, верност и гордост“ – слоган што совршено го опишува духот на групата која останува „срцето на Битола“.
-Денес не славиме само 40 години од основањето на “Чкембари“, денес ќе прославиме 40 години континуитет на“ Чкембари“. 40 години поставуваме стандарди, 40 години безусловна посветеност на нашите идеали. Денес, “Чкембари“ од сите маала, “Чкембари“ стари и млади, сите шо се со зелено-бела крвна група беа на плоштадот “Магнолија“, на музички хепенинг да го славиме името “Чкембари“, рекоа “Чкембари“.-Не бевме свесни во таа сега далечна 1985 година што правиме, а направивме бренд по кој се препознаваме како битолчани не само на спортските терени, туку и насекаде, не само во Македонија туку и пошироко. Им честитаме на сегашните дечки кои ја водат навивачката група “Чкемабари“ за се што направија вака да го прославиме 40. роденден. Ние сега како возрасни битолчани остануваме верни, иако сега сме ветерани како што стои и на нашиот транспарент, и посакуваме заедн0 да се радуваме на уште многу титули, порачаа основачите на “Чкембарите“.
Потоа се одржа најголемото кортео по Широк Сокак, во препознатливиот стил на “Чкембарите“.
Движењето на “Чкемабите“ по Широк Сокак беше вистинска атракција за сите кои се најдоа таму, а се направија илјадници фотографии, селфи фотографии и видеа.Се застануваше кај “Веро“, пред “Епинал“, кај “Буре“, а потоа на “бутки“ се продолжи во навивачки манир, со пиво и песна.
Цела Битола изминатиот период е во знакот на зелено-белата боја, се одржа хуманитарна акција, се одржа и крводарителска акција, се “запали“ Драгор во зелено-бела боја.
А, најважно од се е што се продолжи нешто вредно во Битола, нешто што постои 40 години и ќе продолжи уште долги години.Да живее навивачката група “Чкембари“, да живее независна Битола, да живеат битолчани, да се радуваат на уште многу спортски успеси на битолските клубови кои г0 носат името Пелистер.
Сашо Ристевски – Дамијана Ристевска