Press "Enter" to skip to content

Зајакнување на научно-истражувачките капацитети на УКЛО Битола со значајни резултати (5)

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со особена гордост ги истакнува најновите успеси на своите единици во областа на научно-истражувачката дејност, преку одобрените проекти поддржани од Министерството за образование и наука. Овие проекти претставуваат признание за квалитетот, истрајноста и научната зрелост на наставно-научниот кадар на УКЛО, како и на младите истражувачи кои активно придонесуваат кон унапредување на знаењето во различни области. 

Низ серијал се осврнуваме на седум проекти што ја рефлектираат стратешката посветеност на Универзитетот на научното истражување, иновацијата и развојот. 

Факултет за туризам и угостителство – Охрид

Научно – истражувачки проект: Примена на предвидувачка аналитика и вештачка интелигенција за унапредување на туризмот во Северна Македонија – главен истражувач, проф. д-р Цветко Андреески. Проектот има за цел да го унапреди туристичкиот сектор во Северна Македонија преку иновативна интеграција на информациски и комуникациски технологии (ИКТ) со фокус на предвидувачка аналитика и вештачка интелигенција (ВИ) посебно насочувајќи се кон одржливиот развој. Проектот ќе примени алгоритми за машинско учење за анализа на големи количини на податоци генерирани од туристите (мислења, однесување и преференции) со цел да се проектираат идни трендови на туристички движења и да се разбере нивното однесување. Воедно ќе се применат беспилотни летала (дронови) за собирање висококвалитетни панорамски фотографии и видеа за визуелно презентирање и туристичко промовирање на помалку познати средини со цел да се поттикне нивниот економски развој во согласност со целите на ООН за одржлив развој.Придонес кон научните знаења: Проектот придонесува кон продлабочување и проширување на научните знаења преку интердисциплинарното истражување кое ги спојува ИКТ и туризмот. Тој ќе обезбеди емпириски докази за ефективноста на напредните методи на предвидувачка аналитика и машинско учење во контекст на туристичката индустрија во земја во развој како Северна Македонија. Истовремено, истражувањето ќе придонесе за разбирање на врската помеѓу дигиталните иновации во туризмот и постигнувањето на целите за одржлив развој на ООН, и ќе ги евалуира можностите за имплементација на вештачка интелигенција за подобрување на туристичкото искуство и донесување одлуки за управување со дестинациите. Оригиналност на целите и предметот на истражувањето: Оригиналноста на проектот се гледа во неговата фокусираност на примената на две различни технолошки насоки (предвидувачка аналитика и ВИ) за унапредување на туризмот земајќи ги предвид локалните специфики и предизвици, што претставува иновативен спој. Оттука, овој проект се концентрира на креирање решенија прилагодени на контекстот на Северна Македонија и нејзината Стратегија за паметна специјализација. Предметот на истражување е оригинален по својот пристап кон интегрирање на различни извори на податоци од туристите, за да се добијат холистички сознанија за нивното однесување и преференции. Воедно, јасното поврзување на истражувањето со глобалните цели за одржлив развој на ООН (цели 8, 11 и 12) му дава посебна оригиналност на проектот.

Врз основа на направените досегашни истражувања, овој начин на истражување на ставовите на туристите не е реализиран во Република Северна Македонија, со што ќе се добијат продлабочени научни знаења за можноста за примена на алгоритмите за анализа на природни јазици и машинско учење, како и анализа на добиените резултати со примена на овие методи. Тие резултати ќе може да се користат во идни студии и стратегии за развој на туризмот

Факултетот за туризам е потписник на договорот за реализација на проектот, со што во своето досие добива уште еден научно истраживачки проект од областа на туризмот.Овие активности се целосно усогласени со стратегиската ориентација на УКЛО за градење конкурентна и одржлива истражувачка основа, интернационализација и активно учество во европскиот истражувачки простор. Како полноправна членка на КОЛОРС Алијансата https://uklo.edu.mk/colours/ , УКЛО дополнително ги консолидира своите напори за транснационална научна соработка и поврзување и со други водечки иницијативи – со што ја зацврстува својата позиција како модерен и истражувачки ориентиран универзитет и им отвора пошироки европски перспективи на своите студенти на трите циклуси на студирање.

More from ВестиMore posts in Вести »