Press "Enter" to skip to content

“Книгите – чувар на децата“ беше речено на работилницата во Библиотеката во Битола каде гости беа првачињата од ОУ “Стив Наумов“ (фото)

Во посета на нашата библиотека НУУБ “Св. Климент Охридски“ – Битола беа првачињата од ОУ „Стив Наумов“ – Битола под менторство на наставничката Јасмина Гочевска и библиотекарките Јасминка Кочевска и Емилија Талевска.

Денот започна весело, забавно, креативно и интересно благодарение на учесниците со кои читавме, драматизиравме, раскажувавме и илустриравме бајки.

-Сите одат во библиотека! Секој може да биде член, од најмал до најголем!“ беа дел од пораките кои ни ги пренесоа.Детето е како расцутено дрво. Секоја полица на стеблото, секоја година од детството, исполнете ја со книги. Нека им бидат достапни уште од бебешка возраст и на нивните гранки ќе зреат прекрасни плодови уште многу години подоцна. Читањето за децата од прво одделение е особено значајно, затоа што преку читањето книги, приказни, бајки, децата влегуваат во светот на имагинацијата, го збогатуваат фондот на зборови, се стекнуваат со нови поими и изрази, ги поттикнуваат предчитачките вештини кои се предуслов за читањето во училиште. Затоа дете што чита или на дете што му читаме е возрасен што мисли!

Со овој настан наша цел е најпрво да ги запознаеме учениците со услугите кои ги нуди библиотеката, со начинот на работа, со фондот на книги и кај учениците да ја поттикнеме навиката за читање, да ја разбудиме нивната фантазија преку читањето на бајки како основа за правилен мисловен и креативен процес кој ќе му користи понатаму во животот.  Читањето бајки во голема мера придонесува за зголемување на интересот за читање книги во детската возраст, но и подоцна во животот.

Настанот беше завршен со еден од најпознатите цитати на Ајнштајн: „Ако сакате Вашите деца да бидат интелигентни, читајте им бајки. Ако сакате тие да бидат уште поинтелигентни, прочитајте им повеќе од нив “.

More from ВестиMore posts in Вести »