Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола се издвојува како институција која ги интегрира надареноста и талентот во срцето на академскиот процес. Овој пристап претставува нова академска парадигма – систем што ја трансформира традиционалната улога на универзитетот, ставајќи го индивидуалниот потенцијал на студентот во центарот на наставата, истражувањето и иновацијата. Воедно, оваа академска иновација претставува значаен чекор напред, бидејќи во процесот на соработка го проширува опфатот со ученици од основните и средните училишта во регионот, овозможувајќи рана идентификација и развој на нивните индивидуални способности и потенцијали.
Вклучувањето на помладите генерации преку иницијативите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, особено КРЕДО Центарот и програмата УКЛО КОЛОРС ЏУНИОРС, се препознава како клучен двигател за колективен напредок – како во рамките на образовниот систем, така и во пошироката заедница.
Како пример ќе ги споменеме успешните активности на саемот ПОГОН, повторно во соработка со основните и средните училишта, како и креативните промотивни најави и репортажи за истиот, радио емисиите и интервјуата од КОЛОРС јуниорс со претседателот, ректорите и учесниците во Алијансата на заедничките конференции, репортажите за студентите од Модел на Обединети Нации, исклучително успешната национална кампања Корени и крилја и бројни други модалитети на кои иницијативата #COLOURSjuniors трасира иновативни начини на откривање и негување на потенцијалите на младите.
Проректорката за студентски работи и раководител на Работен пакет 6 на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска, истакнува дека Универзитетот, заедно со својот стручен тим, и со поддршка на психолозите и педагозите од основните училишта, го продолжува организираниот процес на препознавање, идентификација, поддршка и следење на развојот на надарени и талентирани ученици и студенти.
Повеќемесечните подготовки резултираа со работна средба што се одржа на 24.9.2025 година во СИЦ/Co Space центарот на УКЛО. Стручни лица од неколку основни училишта од Битола веќе се активно вклучени во градењето на концепт за индивидуална образовна програма за извонредност, поддржана од Македонската асоцијација за надарени и талентирани.
Клучна улога во овој амбициозен план има пионерската иницијатива – УКЛО КОЛОРС ЏУНИОРС, која преку иновативни пристапи овозможува, меѓу другото, и рана идентификација на потенцијалите на „умните глави“, започнувајќи од најмладата популација во основниот систем.
Академската раководителка на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Рената Петревска Нечкоска, потенцира дека оваа иницијатива инспирира и јасно ја пренесува визијата на УКЛО за поддршка и развој на талентот – уште од најрана возраст. Таа
претставува надоградба на квалитетните основи што универзитетот ги поставувал низ времето, особено преку Педагошкиот факултет и професорот Кеверески со соработниците од основните и средните училишта.
Преку активностите за транзиција од училиште кон универзитет, во рамките на Алијансата, ќе се насочиме кон заеднички пристап со претставници на основни и средни училишта од сите држави, за што ќе помогнат партнерите. Заедно би се стремеле процесот на соработка да резултира со ефекти до креаторите на политики за овој нов аспект – фокус кон потенцијалите и талентите од мали нозе, како комплементарна активност на напорите на психолозите, педагозите, стручните служби и наставниците.
На работната средба беа донесени неколку значајни заклучоци за започнување на процесот во основните училишта:
посета на школите
подготовка на пилот-активности и акциски план
идентификација на надарени и талентирани ученици
вклучување на психолози, педагози и талентирани студенти од УКЛО како ментори
онлајн присуство – промотивно и на Moodle порталот на УКЛО и Алијансата
меѓуинституционална соработка и вмрежување на училиштата со партнерски установи.
Операционализацијата на активностите под работен наслов: „Јас имам талент и сум дел од УКЛО КОЛОРС ЏУНИОРС“ се очекува да започне наскоро, со поширок опфат и засилена динамика, во насока на градење силна заедница на млади таленти и нивни ментори.