Press "Enter" to skip to content

Зајакнување на научно-истражувачките капацитети на УКЛО Битола со значајни резултати (7)

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со особена гордост ги истакнува најновите успеси на своите единици во областа на научно-истражувачката дејност, преку одобрените проекти поддржани од Министерството за образование и наука. Овие проекти претставуваат признание за квалитетот, истрајноста и научната зрелост на наставно-научниот кадар на УКЛО, како и на младите истражувачи кои активно придонесуваат кон унапредување на знаењето во различни области.

Низ серијал се осврнуваме на седум проекти што ја рефлектираат стратешката посветеност на Универзитетот на научното истражување, иновацијата и развојот.

Институт за старословенска култура – Прилеп

Научно – истражувачки проект: Византиските монашки центри во РС Македонија – традиција и континуитет, главен истражувач: д-р Александар Василески, директор на Институтот. Научно – истражувачкиот проект Византиските монашки центри во РС Македонија: традиција и континуитет, претставува мултидисциплинарен проект чија цел е да го проследи карактеристичните манифестации на материјалната и духовна култура поврзани со конкретен топос. Согледувајќи ја богатата стратиграфија на културните напластувања на тлото на Македонија, а со цел да се проследи континуитетот и еволуцијата на културните процеси, поставени се широки хронолошки рамки за нивното согледување – од антиката па се до времето на перодбата. Главниот акцент во проучувањето на манастирските центри ќе биде поставен на комплексните еволутивни процеси на културата, кои јасно можат да се согледаат преку селектираните манастирски центри, како главни носители на културата во средновековието. Со истражувањата предвидено е да бидат опфатени манастирите: Св. Пантелејмон / Св. Климент – Плаошник; Успение на Пресвета Богородица – Трескавец; Св. Никола, с. Манастир – Мариово; Св. Преображение – Зрзе; и Св. Димитрија – Чебрен. Примарен критериум за селекција на наведените монашки центри е нивната позиционираност на локации каде се бележи човечкото присуство од времето на антиката, преку ранохристијанскиот и средновековниот период, па до денес. Воедно, сликарските дела кои се наоѓаат на ѕидовите на манастирските цркви, како и иконите, претставуваат неодминливо поглавје во антологијата на византиската уметност. Имајќи предвид дека овие манастири биле најзначајните духовни, културни и уметнички жаришта во средновековието, очекувано е нивното значајно место во народната традиција, како во минатото така и денес.Иако дел од историските и културните аспекти на овие споменици биле предмет на научен интереа, проблемскиот пристап и мултидисциплинарната методологија која е дефинирана во овој предлог-проект, го издвојува од сите досегашни истражувања. Имено, преку продлбочени истражувања од аспект на археологијата, историјата на уметноста, историјата на јазикот и етнологијата кои ќе се спроведат во рамките на овој проект ќе се создаде поцеловита слика за социјалните, економските, градителските, уметничките и духовните процеси кои се одвивале на овие значајни пунктови во период повеќе од два милениуми.  При тоа, со истражувачките активности не само што ќе се добијат сознанија за посебните фази од егзистенцијата на манастирските центри, туку, воедно ќе се стекне општа слика за цивилизациските процеси кои се одвивале на пошироката географска територија на Македонија, како и во Балкански и источно медитерански контекст.

Вака дефинираните цели на истражување уште во фазата на апликација го поттикнаа интересот кај странските институции и истражувачи, при што две водечки високообразовни институции од САД – универзитетот Принстон, Њу Џерси и универзитетот Хамболд, Калифорнија изразија интерес активно да се вклучат во истражувањето, публикувањето и десиминацијата на резултатите од проектот. Во рамките на проектот Византиските монашки центри во РС Македонија : традиција и континуитет, примарен предмет на проучување ќе биде утврдување на закономерностите во континуитетот на културните манифестации на тлото на Македонија, проследени преку основањето, функционирањето и народниот култ за светоста на средновековните манастири подигнати во периодот од 10 до почетокот на 14 век. Примарниот фокус ќе биде насочен кон манастирите кои биле основани во времето на византиското владеење во Македонија, а се лоцирани на локалитети кои континуирано биле населени од времето на антиката, па до денес. Според досегашните сознанија од многубројните монашки центри на територијата на Р Македонија во оваа категорија се издвојуваат: Светиклиментовиот манастир на Плаошник; Успение на Пресвета Богородица – Трескавец; Св. Никола с. Манастир, Мариово; Св. Преображение, Зрзе и Чебренскиот манастир во Мариово. Овие манастири ќе бидат од примарен интерес за научните истражувања бидејќи се лоцирани непосредно врз античките објекти.

Покрај наведените монашки центри со научно – истражувачките активности ќе бидат опфатени уште пет споменици: Св. Пантелејмон – Нерези; Св. Ѓорѓи – Курбиново; Пресвета Богородица Елеуса – Вељуса; Св. Ѓорѓи – Старо Нагоричино и Св. Никола – Моклиште. Поголемиот дел од сакралните објекти во втората група се одликуваат со архитектонски и сликарски квалитети кои ги вклучуваат во ризницата на светското средновековно наследство, а во нивната поблиска околина се регистрирани остатоци од предисториски и антички градби. Сепак, со оглед на тоа што до денес не е извесно дали може да се воспостави некаква врска меѓу овие објекти и постарите слоеви, а воедно кај некои (како на пр. Курбиново) не е познато дали оригинално имале функција на манастирски католикон, во рамките на оваа фаза од истражувањата тие ќе бидат од второстепено значење.

Примарна цел на истражувањата ќе биде да се добијат сознанија за континуитетот на културните пројави на конкретен топос. Ваквата определба првостепено го опфаќа просторот на самиот манастирски комплекс, но со оглед на тоа што сакралноста на просторот е пренесена и на непосредното опкружување, а економските врски на манастирите опфаќале пошироки географски области, во одредена мера истражувањата ќе добијат регионален карактер. Преку спроведените истражувања од аспект на археологијата, историјата на уметноста, историјата, лингвистиката и етнологијата  ќе се добијат значајни сознанија за повеќе милениумското траење на културните традиции на територијата на Македонија.

Значаен дел од културните специфики карактеристични за византискиот цивилизациски круг, чијшто органски дел е Македонија, се суштински поврзани со манастирските центри. Голем дел од ваквите студии се однесуваат само на одреден аспект од културното наследство и најчесто ги претставуваат овие проблеми само од перспектива на една научна дисциплина. Се чини дека отсуствуваат истражувања кои што би ја обединиле целата оваа граѓа во единствено проблемско и спознајно ориентирано истражување кое би дало одговор на некои од клучните прашања поврзани со монашката традиција во Македонија, а со тоа и на самата христијанска и духовна култура.

Преку поставувањето на комплексното прашање за основањето, градењето и одржувањето на византиската монашката традиција во Македонија, која на одредени географски точки директно се вгнездува врз античките и ранохристијанските култни места, се отвора простор за добивање на одговори за ваквите процеси на поширок простор, но и на генералните прашања поврзани со традицијата во национален и општ – цивилизациски контекст. При тоа, се дава можноста секоја од тезите да биде поткрепена и илустрирана преку проучувањето на материјали од различен тип: археолошки наоди, ѕидно сликарство и икони, историски документи, манускрипти, преданија и легенди. Ваквата методолошка поставеност, не само што ќе го промовира нашето културно наследство пред меѓународната научна јавност, туку и ќе претставува значајна референца за натамошните истражувања во национални и меѓународни рамки.

Овие активности се целосно усогласени со стратегиската ориентација на УКЛО за градење конкурентна и одржлива истражувачка основа, интернационализација и активно учество во европскиот истражувачки простор. Како полноправна членка на КОЛОРС Алијансата https://uklo.edu.mk/colours/ , УКЛО дополнително ги консолидира своите напори за транснационална научна соработка и поврзување и со други водечки иницијативи – со што ја зацврстува својата позиција како модерен и истражувачки ориентиран универзитет и им отвора пошироки европски перспективи на своите студенти на трите циклуси на студирање.