Вечерва во старата битолска чаршија, на просторот пред Детското ликовно студио СДСМ го претстави кандидатот за градоначалник на Битола – Методија Куновски, носителот на листата за советници – Петар Николовски и листата на советници за Совет на Општина Битола.На промоцијата присуствуваше и потпретседателот на СДСМ – Методија Илиевски.
Кандидатот за градоначалник на Битола – Методија Куновски на почетокот на своето обраќање им се заблагодари на сите советници кои беа вклучени во работата на Советот на Општина Битола во изминатиот состав. Куновски се осврна на работата на локалната самоуправа во изминатите четири години, на работата на јавните претријатија, на зоолошката градина…
-Откако ќе биде лоцирана одговорност, се зафаќаме со реализација на нашата програма. А, таа е изработена од разговори со граѓаните, од идеи родени во секое маало, секое село и секоја населба. Тоа е програма што ја става Битола пред сè и човекот во центарот на сите политики. На крај, тоа е програма која не нуди парцијални решенија, туку системски и сеопфатни кои треба да донесат реализирање на визијата во каков град сакаме да живееме, рече Куновски и додаде:
-Го ветуваме проектот „Зелени бели дробови во срцето на Битола“. Трансформација на центарот на градот во пешачка зона од сатот до Тумбекафе“ и од “Гроздот“ до нашиот комитет. На реализацијата на овој проект се надоврзува современи паркинг-решенија и воведување систем на еднонасочни улици. Со ова ќе ја оптимизираме сообраќајната мрежа и ќе го намалиме метежот. Потоа, следува проектот “Современ превоз за достапна и чиста Битола“ – 20 еко автобуси. Фабрика за селекција, реупотреба и рециклирање на неоргански комунален отпад и третман на биоразградливиот отпад. Воведување на сосема нов модел за управување со отпадот преку воспоставување општински центар за управување со отпадот, односно воведување систем за примарна селекција, реупотреба и рециклирање на неорганскиот комунален отпад, како и соодветен третман на биоразградливиот отпад. Дневен центар за лица со попреченост, реконструкција на објектот „ПАРК“, адаптација изградба на нов старски дом во Битола, комплетна реконструкција и реставрација на рекреативната зона Тумбе-кафе, реконструкција на Зоолошката градина во Битола, реконструкција на градските зелени пазари во Битола, формирање јавно претпријатие за благосостојба на бездомните животни.
-Во програмата има уште многу помали или поголеми проекти, но, сакам да порачам дека програмата не е библија, не куран. А, работа на градоначалникот е да ги следи потребите на граѓаните, да слуша и да работи во интерес исклучливо на граѓаните, заврши Куновски.
Носителот на листата за советници Петар Николовски пред советниците и присутните рече:-Битолчани, по падот на ланските избори СДСМ се исправи, се консолидира и излезе посилен од кога било! Не нè скршија, не нè поделија – напротив, станавме пообединети, поодлучни и подготвени да ја вратиме Битола на вистинскиот пат. Народот гледа, чувствува и се буди – незадоволството се претвора во сила за промени. Излегуваме пред вас со крената глава, со план, визија и храброст. Ова не е само изборна трка – ова е борба за Битола, за ред, развој и институции што ќе работат за граѓаните. Време е да ја разбудиме енергијата во секое маало, време е да ја запреме лагата и да ја вратиме надежта. Нашата визија е јасна – Битола повторно меѓу современите европски градови. Ова е борба за нашиот дом, за нашата иднина, за Битола што сите ја заслужуваме.