Кошаркарскиот клуб Пелистер со дуелот против Работнички, во понеделник, 18 часот во СРЦ “Кале“ ќе го означи стартот на новата сезона во Првата лига во која нашиот клуб влегува со истите добро познати амбиции – да се бори за највисок пласман и да се обиде да го донесе толку посакуваниот прв пехар во историјата на кошаркарска Битола.
-Истите амбиции „зелено-белите“ ги имаат со години наназад, а по трите загубени финалиња ланската сезона беше разочарувачка на резултатски план и Пелистер беше елиминиран во четвртфиналето токму од Работнички. Сепак, ждрепката сакаше новата сезона да ја почнеме токму против тимот со кој игравме последни во плејофот пред неколку месеци, како одлична можност да биде свртен нов лист и веќе во првото коло да се потврдат високите амбиции, конкретни се од клубот пред стартот на сезоната.
КК Пелистер за новата сезона, за нов тренер го именува Боро Даскаловски. Искусниот стручњак кој воедно е и професор по кошарка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје летово беше дел од стручниот штаб на сениорската репрезентација, а потписот со Пелистер значеше и негово враќање на прволигашката сцена каде последен пат го водеше Кожув пред помалку од две сезони.
Направени се значајни промени и во играчкиот кадар, каде како големо домашно засилување беше ангажиран Андреј Митревски, еден од најдобрите македонски репрезентативци во летниот претквалификациски циклус за Мундобаскет. Покрај Митревски, потпишани беа и петмина странски кошаркари од кои добро познат е Никола Малешевиќ, ас кој одигра две финалиња во дресот на зелено-белите во претходниот период во кој ги бранеше боите на Пелистер, а сега ќе се обиде да стигне и до првиот трофеј со овој клуб.
Покрај Малешевиќ, потпишаа и четири американски засилувања, Си-Џеј Вилсон, Кевин Брејси Дејвис, Остин Прајс и Ленгстон Вилсон, кои дефинитивно ќе дадат свој придонес за кревање на квалитетот на Пелистер во новата сезона.
Пелистер сезонава испишува историја и со учеството во европските натпреварувања на ФИБА, за првпат во постоењето на битолскиот прволигаш.
Пред стартот на сезоната “зелено-белите“ беа поразени во квалификациите за ЛШ во Реџо Емилија, но настапот ќе го продолжат во ФИБА Европа купот, каде за противници ќе ги има Цедевита Јуниор од Хрватска, Керавнос од Кипар и Приевица од Словачка. Пелистер оваа дебитантска сезона во ФИБА Европа купот ќе ја стартува со гостувањето во Загреб против Цедевита Јуниор закажано за 15 октомври, а првиот европски меч во „Боро Чурлевски“ ќе се игра на 22 октомври, кога на домашен терен ќе го пречекаме составот на Приевица.