Денес кошаркарите на Пелистер од Битола против екипата на Работнички во Скопје, во 15 часот, ја отвораат новара кошаркарска сезона, се надеваат на победа и први бодови во првото кошаркарско дерби.
Пред натпреварот со Работнички за медиумите зборуваа тренерот на Пелистер Борче Даскаловски и повратникот во зелено-белиот дрес Никола Малешевиќ.
–Среќен сум што сум овде и благодарен на управата за овозможените услови за работа. Можам да кажам дека сум задоволен од она што го сработевме, од залагањето на кошаркарите и правецот во кој ни се движи формата. Подготвени сме за стартот на сезоната, а Пелистер ќе игра квалитетна кошарка, а верувам дека во добра форма го дочекуваме стартот на сезоната, вели Даскаловски, а за првиот предизвик, тимот на Работнички додава:
– Неиграњето на неколку играчи ќе влијае на играта на противникот, но јас ќе инсистирам ние да одиграме максимално ангажирано од првата до последната минута за да стигнеме до резултатот што сите го посакуваме. Работнички е анализиран, подготвени сме за стартот на сезоната и очекувам тоа да го покажеме на неделниот натпревар.
Никола Малешевиќ по две години се врати назад во Пелистер, а српскиот кошаркар ќе биде значаен адут на „зелено-белите“ во новата натпреварувачка сезона.
-Пред нас е тежок натпревар на гостински терен против еден од фаворитите за висок пласман на табелата. Напорно работевме и се подготвувавме оваа седмица, се надевам дека тоа ќе биде доволно за да стигнеме до победата што сите ја посакуваме. Што се однесува до очекувањата за сезоната, погрешно би било уште сега да се даваат конкретни прогнози. Секако ќе дадеме се од себе, одиме натпревар по натпревар, да забележиме што повеќе победи и да ги израдуваме верните битолски навивачи, истакна Никола Малешевиќ.