Жанета Ристевска
Професор д-р Јован Стефановски, доктор на електротехнички науки, работи на научно истражувачка работа на Теорија и инженерски апликации на системите за управување. Неодамна тој реализираше две гостувачки поканети предавања на врвни универзитети во Шангај и Пекинг – Народна Република Кина, каде ги презентираше најновите научни достигнувања во оваа област од инженерството, вклучително и негови лични резултати.При својата посета на Кина, тој беше гостин и на Кинеската Академија за Наука, на советување и дебата заедно со академици и професори на Кинески и странски универзитети, на тема „Model order reduction“.
Јован објавил вкупно 19 трудови во Шангајската листа на најдобри списанија, види линк ShanghaiRanking-Activities, која листа опфаќа 179 списанија од сите научни дисциплини. Имено, списанијата во кои се објавени трудови на Јован (најчесто како единствен автор) се IEEE Transactions on Automatic Control, Automatica, и SIAM Journal on Control and Optimization. Вториот по него во државата има објавено 6 труда во списанија од таа листа.
Јован е истакнат член на УКЛО Мрежата и е добитник е на Наградата 4 ноември на Општина Битола, за наука.
При најавата и поканата за неговите предавања во НР Кина стои неговата богата биографија: Професор Д-р Јован Стефановски од Битола завршил на УКИМ – Факултет за електротехника во 1981 година како најдобар студент на генерацијата. Магистерски студии завршил на Универзитетот во Белград, Југославија во 1984 година. Во 1996 година завршил докторски студии на УКИМ на Факултет за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ-Скопје). Од 2014 година станува вонреден професор на Институтот за Автоматика и Системско Инженерство, на УКИМ Скопје. Од 2000 година тој е автор или коавтор на 70 трудови во списанија (поголем дел од нив се објавени во списанија со највисоки импакт фактори), и е ко-едитор на Springer Nature book. Помеѓу нив, Професор Јован Стефановски е автор на трудови во IEEE Transactions on Automatic Control, Automatica и SAM Journal on Control and Optimization, кои се на листата на Shangai Ranking Academic Exellenece Survey 2025, на врвни 179 списанија). Д-р Јован Стефановски после завршувањето на Факултетот за електротехнички науки во Скопје се вработува и ја започнува својата кариера во фабриката „Гоце Радосављевиќ“, каде работи 3 години. За да потоа работи во ЈП „Стрежево “ Битола, на место Одговорен инженер цели 37 години, од каде заминал во пензија. Во својата кариера тој работел и како вонреден професор на УКИМ Скопје и УКЛО Битола. Денес своето знаење и искуство го споделува со магистранти и докторанти на УКИМ. Добитник е на Наградата 4 Ноември за наука во 2023 година, која ја доделува Општина Битола.
Повод за нашиот разговор беше да ги сподели искуствата кои произлегоа од неговото гостување и соработката со двата Универзитети во НР Кина. Едниот од нив, Универзитетот Цингхуа во Пекинг (Tsinghua University Beijing) се вбројува во најпознатите Универзитети светот.Како дојде до покана да бидете предавач на Универзитетите во Шангај и Пекинг?
-Соработката започна уште во 2017 година кога еден професор (тогаш на Шангајскиот Универзитет) ми е јави и ме замоли да ме посети во Битола. Тој тогаш престојуваше во Германија и работеше на еден проект, и во тој период дојде во Битола. При неговата посета дискутиравме за заеднички проекти. Одржавме и состанок со Деканот на ФЕИТ Скопје, каде и денес се водам како вонреден професор. На состанокот присуствуваа и други професори од ФЕИТ, како и претседателот на Македонско-Кинеското друштво. На состанокот беше договорена соработка на нашите два универзитети. Од тогаш ние соработуваме, со пишување на заеднички трудови од нашата област. Познавајќи ја мојата работа во науката, оваа година од истиот професор добив покана да одржам предавање на Кинески универзитети, и ја прифатив поканата.Првото предавање се одржа на Шангајскиот Универзитет (Shanghai University – SHU), на 8 септември 2025 година, а второто на Цингхуа – Универзитетот во Пекинг (Tsinghua University Beijing), на 16 септември 2025 година, кои се меѓу најдобрите во светот. Поконкретно, Цингхуа – Универзитетот е најдобар во светот по компјутерски науки, согласно рангирањето на независна американска институција, види линк Top Computer Science Schools in the World – US News Education
Tемата на двете предавања беше: „Преглед на истражувања на пасивни и активни контролери за следење, отпорни кон дефекти, и некои нови резултати“.
Во истите се презентирани најновите научни достигнувања во оваа важна област од инженерството, како и некои нови сопствени резултати. За предавањето подготвив околу 50 слајдови, и ги презентирав пред докторанти и пост доктори. Предавањето припаѓа на научната дисциплина „Робусно управување“, и конкретно се однесува на „Управување отпорно на дефекти“. Да го илустрирам управувањето отпорно на дефекти: Доколку дојде до голем дефект во РЕК Битола, мора во текот на работата да се поправи дефектот. Тоа е еден систем за којшто е недозволиво да застане. Затоа е потребно да се замени делот во самата работа, за да продолжи да се произведува електрична енергија без испаѓање на блоковите од мрежа.Околу 12 дена бев во НР Кина, како нивни гостин.
Во слободното време моите домаќини ми овозможија посети на знаменитости на Шангај и Пекинг.Во НР Кина присуствувавте на состанок во Кинеската академија за наука? Кажете ни повеќе.
Бев повикан да присуствувам на два состаноци во Кинеската академија за наука, заедно со двајца академици, и професори од Max Planck Institute – Magdeburg – Germany, како и со други професори – специјалисти за „Model order reduction“, каде имавме групно советување и дебатиравме на тема „Model order reduction“ или упростување на системите.
Имав покана и од Јангце Универзитетот (Yangtze University Jingzhou, Hubei), но бидејќи не отидов, од таму дојде професор кој остана со мене неколку денови и разменивме мислења околу упростувањето на системите. Тој ми соопшти нешто што е сосема невообичаено за нашите универзитети: За да напредува од доцент во вонреден професор, му се бара да објави во 4 години најмалку два труда во списанија од Шангајската листа на врвни списанија ShanghaiRanking-Activities. Доколку пријави трудови во помалку престижни списанија, ќе добие малку бодови, што ќе биде недоволно за изборот, а доколку пријави трудови во таканаречени open-access списанија (во кои треба да се плати за објавување на труд), се добиваат негативни поени.
Што значи да се одржи предавања во Кина?
-За мене беше голема чест да се биде меѓу врвни научници и професори од овие области, да им ги презентирам резултатите од моите истражувања, како и да дискутирам за некои нови идеи за истражувања.Дали можат овие научни истражувања од вашите предавања да се применат ?
Во НР Кина ДА. Со нивната технологија тие можат добиените сознанија да ги применат во практични проекти, а од овие проекти НР Кина профитира, бидејќи голема примена имаат во вештачката интелигенција. Додека кај нас би се примениле ако има добра опрема во компјутерската технологија. Но сепак ќе кажам дека многу заостануваме.Дали соработката ќе продолжи во насока гостувања на професори од НР Кина ?
Директорот на „111 Oversea Talent Base for Intelligent Measurement & Control for Complex Networked Systems and Applications“, кој е и професор на Шангајскиот Универзитет, истакна желба за соработка со нашиот универзитет. Неговата функција му овозможува склучување на договори за соработка. Професорот најави дека во текот на наредната година, при посетата на Европа, би дошол кај нас со цел воспоставување на соработка и потпишување на таков договор. Кажав веќе дека една од придобивките на мојата посета е и што соработката ќе биде обострана. Што се однесува до мене, добив покана и од други два професори за други посети на Кина, со цел за размена на мислења при припремањето на нови проекти.Професор д-р Јован Стефановски е инспирација за многу млади студенти/истражувачи кои ќе продолжат во насока на научно истражувачка работа и себе докажување на светско ниво.