Сè повеќе млади се подготвени да зборуваат за тоа како се чувствуваат – но возрасните, пред се родителите, често не се подготвени да ги слушнат. Таа реченица, изговорена на Тркалезната маса посветена на менталното здравје кај младите во Битола, остана како најсилна порака од настанот. Зад неа стои едноставна, но длабока вистина: младите денес имаат храброст да зборуваат за своите чувства, стравови и предизвици, но општеството сè уште не создава доволно простор за да ги чуе и уште поважно, да им помогне навремено и сеопфатно.
Дебатата организирана од Про Локал ги обедини директорите на средните училишта во Битола, психолозите, педагозите и претставници на Општина Битола, во искрен разговор за тоа како училиштата, институциите и заедницата можат подобро да ја разберат и поддржат младата генерација.
Психолозите посочија дека стигмата околу менталното здравје најчесто доаѓа од возрасните, додека самите ученици покажуваат сè поголема отвореност и зрелост во начинот на кој зборуваат за своето ментално здравје. Професорите од друга страна имаат потреба од дополнителна поддршка и континуирани обуки за препознавање на рани знаци на анксиозност, депресија и емоционална исцрпеност кај учениците. Како сериозен предизвик беше наведено непренесувањето на психолошките досиеја при премин на учениците од основно во средно образование – пракса која создава празнина и го отежнува континуитетот при стручната поддршка на учениците.
Во дискусијата беа опфатени и влијанието на социјалните медиуми, јавната осуда и булингот, како и генерациските разлики во вредностите и начинот на комуникација меѓу младите, наставниците и родителите. Присутните се согласија дека овие појави го обликуваат секојдневието на младите и бараат долгорочен, заеднички и системски пристап што ќе вклучи училишта, семејства и локални институции во координирана акција.
„Менталното здравје не треба да биде тема за која се молчи – треба да се зборува, дури и кога е полесно да се зборува во трето лице,“ порачаа од Про Локал, нагласувајќи дека оваа средба е само почеток на подлабок процес на соработка и подигање на свеста за ова прашање.
Настанот заврши со потпишување Меморандум за соработка меѓу сите средни училишта од Битола и Про Локал – симбол на заедничка определба за создавање безбедна, инклузивна и поддржувачка средина за младите, во која ќе има повеќе внимание, разбирање и простор за разговор.
Тркалезната маса се одржа на 3 октомври 2025 година во клубот „Утопија“ во Битола, во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите“, што го спроведува Здружението Про Локал – Битола. Проектот ја поттикнува локалната соработка помеѓу училиштата, институциите и младите, создавајќи платформа каде гласот на младите се слуша, а нивните потреби се претвораат во конкретни решенија и политики.
Проектот е поддржан од програмата Civica Mobilitas, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а имплементирана од НИРАС во конзорциум со Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС).