Македонија – Ерменија 2:1 (0:1)
Македонската фудбалска репрезентација до 21 година ја забележа првата победа во квалификациите за пласман на Европското првенство, откако вечерва во Битола триумфираше над Ерменија со 2-1, по пресвртот откако во првото полувреме македонските репрезентативци имаа негатива од еден гол.Воедно, ова е и прва победа на нашата селекција под водство на селекторот Горан Станиќ, во групата “Е“ по стартните порази од Полска и Италија.
Натпреварот во Битола беше втор на младата македонска селекција, но за разлика од првиот против Италија, сега имаше помал број на гледачи.
Двата погодоци за младата селекција на Македонија беа дело на Димитар Трајков, кој најпрво погоди во 54. минута, а потоа и во 83. минута ја затресе мрежата на противникот ѝ ги донесе на Македонија толку посакуваните први три бода во оваа група.
Средбата во Битола започна со возбудување пред гостинскиот гол кога Трајков во втората минута направи сè убаво и си создаде простор да шутира, но тоа го направи многу лошо и топката заврши покрај противничкиот гол. Дваесет минути подоцна Трајков одново беше во центарот на вниманието, од неколки метри со глава го промаши целиот гол.
Во 38. минута гостинските фудбалери со неколку брзи додавања ја надмудрија одбраната на нашата селекција, а Ховханисјан со сигурен удар на втора статива го матира Џеков за водство на Ерменците од 0:1, резултат со кој се замина на одмор.
По одморот нашите надежи излегоа на терен помотивирано и во вистински момент стигнаа до израмнување. Во игра се вратија во 54. минута, кога Трајков со небески скок ја смести топката во мрежата на гостите за 1:1, а тоа беше прв гол во овие квалификации.
Михаил Талевски и Теодор Николовски од Битола како нововлезен имаше убава шанса за комплетен пресврт, но обидот пропадна.
Во самата завршница, во 83. минута, Трајков постигна погодок од половина терен за водство на Македонија од 2:1, по големата грешка на гостинскиот голман.
Потоа Македонија со офанзивна игра го сочуваа водството и заслужено ги впишаа првите бодови во овие квалификации. Во следното коло нашите У21 фудбалери в понеделник гостуваат кај Црна Гора.
Сашо Ристевски