Денес во Битола на 92 годишна возраст почина професорот д-р Александар Срерјовски, роден битолчанец и хроничар на Битола и човек кој до денес беше жив сведок на стотици случувања поврзанои со Битола и битолчани.
Проф. д-р Александар Стерјовски е роден во Битола во 1933 година, каде завршил сновно образование и гимназија завршил во родното место. По матурирањето се запишал на Шумарскиот факултет во Скопје, но набрзо се префрлил на Филозофскиот факултет, Југословенска книжевност. По дипломирањето работел како професор по книжевност во прилепската гимназија „Мирче Ацев“ и во Земјоделското училиште во Битола. Бил професор на Педагошката академија, подоцна Педагошкиот факултет во Битола. Двапати бил проректор на универзитетот „Климент Охридски“ во Битола.
Бил раководител на проектот „Печатарството и издаваштвото во Битола“, долгогодишен член на редакцијата на списанието „Развиток“, а бил иницијатор и долгогодишен одговорен уредник на списанијата „Учител“ и „Битола низ вековите“.
На битолчани многу ќе им недостига човекот кој долго и долго да зборува за Битола, за битолчани, за неговите мали пријатели Евреи по кои многу тагуваше, за некои кои не биле од Битола – а биле значајни и дале многу за Битола, за Белогардејците дојдени во Битола после Октомвриската револуција во Русија, за Битола после ослободувањето во ВСВ, за случувањата до осамостојувањето на Македонија и после тоа, за архитектурата на Битола…
Проф. д-р Александар Стерјовски, го најави и неговото големо дело, негов животен сон, и кој сон почнада да го сонува, а тој е “Битолските 10 книжија”, со кои тој се обидуваше да ја открие душата на Битола и најзначајните датуми на Битола.
Проф. д-р Александар Стерјовски во 2013 година беше добитник на 4-то Ноемвриската награда на Битола, а тогаш кога му беше доделена наградата за него беше речено:
-Стерјовски е истакнат професор, научен работник од областа на историјата и македонската литература и историја на Битола, хроничар, раскажувач, кој со посебно чувство навлегува длабоко во тајните на проблематиката, откривајќи ги до најситни делови сите параметри во истражувачкото.
Стејовски е добитник и на голем број други награди, а зад себе остави голем број на авторски книги, а дел од книжевниот фонд што го поседуваше годинава го донира во Битолската универзитетска библиотека
Неговото тело ќе биде изложено в понеделник во храмот Св. Димитрија во Битола, а погребот ќе се изврши на Буковски гробишта. Стерјовски беше најисцрпниот хроничар на Битола.