Press "Enter" to skip to content

In memoriam: Зоран Петковски (1978 – 2025)

Денес на 47 годишна возраст, по долго боледување почина Зоран Петковски кошаркарска легенда на КК Пелистер од Битола.

Петковски своите кошаркарски почетоци ги имаше Пелистер, беше и младински репрезентативец на Македонија во одличната генерација предводена од Митко Луковски, а потоа настапуваше за Куманово, Вардар, МЗТ Скопје, Соколи, повторно Пелистер,па Радовиш…. 

По крајот на кошаркарската кариера беше и на чело на стручниот штаб на КК Пелистер, тим со кој обезбеди влез во елитното друштво. Пред неколку години тој беше и дел од управата на клубот.

Покрај тренерска кариера  во матичниот КК Пелистер, беше дел од проектот КК Хераклеја.

Петковски битолчани ќе го паметат како кошаркар кој “погодувал“ тројки во клучните моменти на натпреварите, како капитен на Пелистер, и како тренер и кој за време на својот политички ангажман во последните четири години како борец за спортот и активен поддржувач на многу спортски иницијативи. Зоран ќе остане запаметен по својата енергија, љубов и посветеност кон градот, посебно кон училишниот спорт, а како професор по физичко воспитување беше дел од скоро секој собир на младите спортисти организиран од Сојузот за училишен спорт од Битола.

Зоран Петковски деновиве го доби и својот втор мандат за советник во Советот на Општина Битола, а беше и советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години. Петковски беше и претседател на Комисијата за спорт на Советот на Општина Битола.

Сочувство до семејството на Петковски упатуваат од ВМРО-ДПМНЕ – Битола, КК Пелистер, а голем број битолчани, спортисти, политичари, негови пријатели се простуваат од него на социјалните мрежи.

Опелото и погребот ќе се одржат утре.