Во времето кога Османлиите тргнале да го завладеат Балканскиот Полуостров, градот Битола (нарекуван уште и Манастир поради бројноста на црквите, манастирите и скитовите) бил голем и добро утврден град. Животот во него прилегал на Црква Божја, а најголема скапоценост, пак, било бројното монаштво, сместено низ многуте манастири и скитови, внатре и надвор во неговата околина.
Откако османлиските војски без борби го освоиле градот Прилеп, тие ја опколиле и ставиле под опсада Битола. Населението давало огромен отпор, не поради надмоќноста во бројност, или во оружје, туку поради храброста и пожртвуваниот дух, посветен целосно на верата и слободата. Но по четиримесечната опсада и тешките, жестоки битки што бојното поле го претвориле во алеја на пустош и беда, градот, по допуштение Божјо, конечно паднал во рацете на Османлиите.
Па така, откако Агарјаните влегле низ градските ѕидини, следеле страшни настани: жителите биле убивани, жените силувани, свештениците, монасите и монахињите мачени и погубувани; храмовите биле ограбувани и сквернавени, а потоа и до темел палени. Целиот град што претходно имал обличје на еден голем и прекрасен манастир, почнал да потсетува на бедна и тажна слика од некој мрачен уметник, касапница на човечки тела, гнездо на ужас и страв. Улиците и сите градски населби биле претворени во губилиште – Голгота, а мртви тела имало насекаде. Градските зданија и тврдини биле претворени во пепел и прав.
Особено големо крвништво варварите покажале кон свештениците и монасите, коишто за сето време на борбите, непрестајно го поучувале и поткрепувале верниот народ, поттикнувајќи го да се бори до крај за својот Спасител и Творец – Христос, па и самите застанале цврсто во одбрана на своите светињи, своите огништа и гробовите на своите предци. Најревносните, пак, проповедници и чувари на верата, претежно млади продуховени и просветлени монаси, со неколкуте искусни обожени страци, сите заедно триесет и девет на број, од повеќе битолски манастири и скитови, кои, по Божја промисла, ги преживеале страшните настани, се повлекле во манастирот „Св. Георгиј Победоносец“. Оттаму, тие преку молитви, утехи и беседи ги храбреле битолчани да не го жалат, па ако треба и да го дадат својот привремен живот само да не се откажат од својата прататковска вера во Христа, знаејќи дека така ќе придобијат бесмртен живот во слава и чест.
По пат на предавство, Исмаилците успеале да откријат каде се кријат овие монаси, ја разбиле манастирската врата и ги заробиле браќата, коишто тогаш се наоѓале на утрено молитвено собрание. Најпрвин жестоко ги измачиле, па потоа ги фрлиле в зандана, а утредента, доведувајќи им ги најдобрите мухамедански учители, започнале ласкаво да им се додворуваат и да ги убедуваат да се откажат од Христа.
Еден Турчин, кој се викал Хасан, а им служел како преведувач на препирачите восхитен и од необичната храброст на битолските монаси, како и нивната цврста вера, тој силно посакал своето мухамеданско верување да го промени во христијанско православие. Агарјаните, толку силно го претепале што на телото на маченикот не останало неповредено место. Потоа го фрлиле во занданата, заедно со останатите Христови преподобномаченици.
Агарјани увиделе дека монасите се непопустливи и бидејќи исполнети со безмерен гнев, ги осудиле на смрт сите четириесетмина и ги повеле кон височинката на Баирскиот рид кај еден голем камен, што сè уште постои, за таму да им ги отсечат главите. Во деветтиот ден од месецот март, во 1385 година од Раѓањето по плот на нашиот Спасител Господ Исус Христос, Осмaнлиите им ги отсекле главите и така преподобномачениците ја покажале својата бестрашност, извојувале неовенлива победа и го добиле венецот на славата од Господа, својот Подвигоположник, за да се радуваат вечно во Неговото царство, молејќи се за сите оние што верно го почитуваат нивниот свет спомен. Зајдоа овие светила на земјата, за да заблескаат уште посилно на небесата.
Телата на светиите биле намерно расфрлени по тешко пристапни места, во горите на планината Баба, како храна на шумските ѕверови, за да не дојдат во рацете на христијаните и да се уништи споменот за нив. Но споменот за нив никогаш не згаснал во срцата на верните, кои до наши дни, секоја година, на денот на нивното мачеништво, во голем број се собираат за да се поклонат во храмот изграден над каменот каде што била пролеана нивната света маченичка крв, и каде стануваат безброј и големи чудеса.
По молитвите на светите Четириесет битолски преподобномаченици, коишто пострадале заради Твоето пресвето Име, Господи Исусе Христе, Боже наш, помилуј нè и спаси нè. Амин! Крај и слава Му на Бога!











