Екипата на Пелистер од Битола изминатата седмица одигра три меча за пет дена и забележа три победи, што дополнително ја кренаа атмосферата во пресрет на наредните предизвици.
„Пелистерци“ во минатото коло од ФИБА Европа купот стигнаа до првата европска победа во клупската историја, а сега сакаат да стигнат и до првиот гостински триумф во ФИБА-натпреварувањата. Мечот во Никозија со кипарски Керавнос (18 часот) е идеален за такво нешто, ривалот веќе претрпе два убедливи порази од стартот на натпреварување, но тренерот Даскаловски и неговите избраници се свесни дека до посакуваниот резултат може да се стигне само со максимална ангажираност, од првата до последната минута од натпреварот.
-Подготвени сме за борба против Керавнос и секако дека веруваме дека можеме до позитивен исход и победа. Она што е најважно е да имаме енергичен пристап од првата секунда. Одигравме три меча за пет дена, се надевам дека нема да дојде до голем пад во нивото на нашата игра. Повредата на Стајиќ ни е дополнителен проблем, но она што ме радува е добрата атмосфера во тимот. Полека, но сигурно влегуваме во посакуваниот ритам и се надевам дека тој тренд на напредок на секој нареден натпревар ќе продолжи и денеска против Керавнос, изјави шефот на стручниот штаб, Боро Даскаловски во пресрет на денешниот меч.










