Ангели – Пелистер 76:100
Екипата на Пелистер од Битола во 5. коло ја забележа и петтата победа во кошаркарската Супер-лига, овојпат на гостински терен против КК Ангели (76:100). Фаворитската улога беше лесно оправдана, „пелистерци“ не дозволија триумфот во ниту еден момент да биде доведен во прашање, воедно и дел од играчите со најголема минутажа добија заслужен одмор во пресрет на предизвицитее во наредната седмица – дуелот од ФИБА Европа купот со Цедевита јуниор по кој ќе следи и големото дерби против МЗТ Скопје.
Малешевиќ ги постигна првите поени на мечот за статните 0:2, а по првото и единствено водство на Ангели од 5:3 следеше нова реализација на српскиот интернационалец во редовите на Пелистер. Битолчани поведоа со 5:12, но домашниот тим успеа да се врати, во 9. Минута дури и да го израмни резултатот на 17:17. Крстевски постигна тројка за Пелистер, а до крајот на четвртината прецизен по офанзивен скок беше и центарот Ленгстон Вилсон, по што почетниот период заврши со резултат 17:22.
Втората четвртина затоа мина во целосна доминација на „пелистерци“ (12:32), првото двоцифрено водство беше по слободните фрлања на Малешевиќ во 13. Минута (19:29), а пет минути подоцна позитивата стигна до „плус 20“, повторно со слободни фрлања на Малешевиќ (22:42). Пред самиот крај на полувремето прецизен беше и капитенот Најдовски, по што Пелистер заслужено замина на одмор со убедливи 29:54.
Прајс и Вилсон влегоа во шутерско шоу со прецизните обиди од далечина во последниот период со кој Пелистер поведе со 37:65. „Пелистерци“ уште во два наврати имаа „плус 28“, но не успеаја да ја стигнат границата од 30 поени позитива, влегувајќи во последните десет минути со предност од 50:77. Во четвртата четвртина шанса добија и најмладите кошаркари во нашиот тим кои максимално ја оправдаа довербата, за момент беше пробиена и границата „плус 30“, меѓу стрелците се запишаа и Марковски и Димитровски, па Пелистер рутински го приведе мечот до крај и конечните 76:100 со тројката на младиот Марковски на 11 секунди до крајот.
Сите единаесет „пелистерци“ кои се појавија на теренот успеаја да се запишат меѓу стрелците, најефикасни беа Прајс со 18 и Малешевиќ со 15 поени, а за одбележување е новата одлична партија на Дамјан Крстевски кој забележа 12 поени, 7 скокови и 7 асистенции.
Следен предизвик за КК Пелистер е дуелот од четвртото коло од ФИБА Европа купот што „зелено-белите“ в среда ќе го играат во Битола против хрватскиот претставник Цедевита јуниор.







