Пеколниот ритам на натпревари на Пелистер продолжува со вечерашното дерби против актуелниот шампион МЗТ Скопје кое ќе се одигра во 20 часот, во салата “Боро Чурлевски“ во Битола а во дербито влегуваат со пет победи на првите пет средби на домашната сцена, но вечерашниот предизвик е најголемиот досега, само по себе и желбата за триумф над „металците“ е на највисоко ниво.
Тренерот Борче Даскаловски е свесен дека главен предизвик ќе му биде да го извлече најдоброто од тимот што цел месец игра во пеколен ритам поради настапот во ФИБА Европа купот.
-Пред нас е меч со исклучително квалитетен тим, ривал што го почитуваме, но секако ќе сториме се за да славиме. Она што ќе биде најважно за нас е да одиграме со висока енергија и во нападот и во одбраната, што не е нималку лесно по тешки средби што ги имавме на европската сцена. Се соочувавме и со повреди и со болест на дел од играчите, но дербито е меч што секогаш го вади најдоброто и што мотивира, па верувам дека ќе успееме да стигнеме до резултатот што го посакуваме. Секако, ќе треба да покажеме и дисциплина во играта, да го спроведеме планот и да не правиме наивни грешки како на последните натпревари. Играме против исклучително квалитетен противник што го респектираме, но ќе сториме се за пред нашата публика да славиме во ова големо дерби, вели Даскаловски.
Малешевиќ пред дербито со порака до битолчани: Дојдете во сала, а ние ќе сториме се за да ве израдуваме…, и додава:
-Пред нас е тежок дуел, дерби на колото… иако е ран дел од сезоната, многу е важно да одиграме квалитетно и да успееме да славиме на дуелот со актуелниот шампион. МЗТ е многу искусна екипа со квалитетни играчи на сите позиции. Ние мораме да одиграме клективн, да одговориме на предизвикот и со тимски напад, но и одбрана да стигнеме до посакуваниот резултат. Поддршката од навивачите секогаш е многу важна, а особено на ваквите дерби средби на кои присуството на фановите е драгоцено за нас. Затоа, ги повикувам сите кои се во можност да дојдат и да ни дадат поддршка, а ние ќе дадеме се од себе за да ги израдуваме.
За потсетување, големото дерби ќе биде од хуманитарен карактер и сите средства од продадените влезници ќе бидат доделени на семејството на битолската кошаркарска легенда, Зоран Петковски, кој почина минатиот месец.










