Press "Enter" to skip to content

УКЛО КОЛОРС најавува хакатон за предизвиците на тројната транзиција: социо-економска, зелена и дигитална

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ги мобилизира своите ресурси, знаење и партнерства за претстоен хакатон, што ќе се одржи на 24, 25 и 26 ноември оваа година, во хибриден формат. Настанот е замислен како простор на здружување на иновации, младешка енергија и мултидисциплинарен пристап во третирање  реални општествени и еколошки предизвици.

Хакатонот, којшто ќе се одвива во Колаборативниот простор на УКЛО (првиот ден) и во Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) – вториот и третиот ден, во Битола, како и онлајн, претставува дел од пошироката рамка на иницијативите на Алијансата КОЛОРС. Фокусот е на тројната транзиција – социо-економска, зелена и дигитална – и предизвиците што ги носи во однос на праведноста, одржливото земјоделие и храната, низ призмата на интердисциплинарност и соработка

Според информациите од проф. д-р Мимоза Богданоска-Јовановска, координатор на колаборативниот простор на УКЛО КОЛОРС, целта на хакатонот не е само натпреварувачка, туку и исклучително едукативна и акциска – платформа преку која студентите, наставниот кадар, средношколци, активисти во невладините организации и експерти од различни области имаат можност да развиваат идеи со потенцијал за реална примена. Бидејќи поентата е студентите да се носители и организатори на хакатоните во Алијансата, и овојпат, УКЛО КОЛОРС студентите се пријавија во семафорот на задачи и веќе се организираат за реализација на хакатонот, во координација со професорите.

На оваа активност и претходеше успешен настан на Економскиот факултет во Прилеп со инспиративен и интерактивен пристап –  отворена пракса во служба на иновативното образование и локалните заедници, со кој студентите добиваат простор да бидат креатори, да излезат од класичната настава и да создаваат решенија што имаат вистински ефект во заедницата – посочува академската раководителка на УКЛО КОЛОРС, професорката Рената Петревска Нечкоска. 

Во таа смисла, Хакатонот е важен чекор кон конкретизирање на долгогодишните заложби за отвореност, применливо знаење и општествена одговорност во високото образование и се очекува да прерасне во иновативен хаб за младинско учество и трансфер на знаење – токму во духот на модерниот, ангажиран универзитет. Хакатонот е отворен за сите кои веруваат дека решенијата за утре се создаваат денес.

Заинтересираните се повикуваат да се регистрираат преку следниов линк: https://forms.gle/j4t6jmhirpFiR5Vw7 а повеќе инфо има на веб-страницата на Алијансата КОЛОРС http://bit.ly/43WFI10

More from ВестиMore posts in Вести »