Од 14 до 16 ноември, во Загорје, Словенија, се одржа 39. по ред Европски куп “Slovenia Open“, на кој учествуваа 8 држави со 95 клубови, со над 500 натпреварувачи со 711 влезови.
Единствен претставник од нашата држава беше кик-боксерката Леа Бошевска од Битола, од Кик бокс клубот Самурај, која настапи во две дисциплини, и тоа во “лајт контакт“, каде освои сребрен медал, а веднаш потоа во дисциплината “кик лајт“ – 50 килограми во сениорска конкуренција, најпрво ја победи домаќинката од Словенија, за во финале да ја совлада и натпреварувачката од Унгарија.
Леа Бошевска имаше вкупно три борби, во кои убедливо доминираше, со што ја подигна целата публика во преполната спортска сала, при што освои златен медал и пехар за Македонија.
Тренерите на Самурај Тони Бошевски и Гордана Цветковска Бошевска, презадоволни од подготвеноста и натпреварувачката форма на Бошевска велат дека не застануваат, бидејќи ги чека Балкански куп во Ниш од 12 до 14 декември, каде кик бокс клубот Самурај ќе настапи со поголем број на натпреварувачи.
-Со оглед на горенаведеното, јасно е дека Леа Бошевска е една од најдобрите кик боксерки во Македонија во сениорска конкуренција, меѓутоа селекторот Деан Митровски, кој воедно е и претседател на Македонската кик-бокс федерација, одлучи на светското првенство кое ќе се одржи од 21 до 30 ноември во Абу Даби, да отпатува со 8 кик боксери, без нити една кик боксерка, со што направи целосна дискриминација на жените во кик боксот. Само за напомена, секоја година Кик бокс федерацијата добива финансиска помош за развој на женскиот спорт, поточно жени во кок боксот. Поради кои причини, селекторот, кој воедно е и претседател на Кик бокс федерацијата, се одлучи на ваков чекор, дискриминирајќи ја целата женска популација во спортот, посебно во кик боксот, останува тој јавно да се произнеси. Ние како тренери и клубови од Македонија, а и целата Македонска јавност, како и сите организации кои се бават со развој на женскиот спорт, заслужуваме одговор, велат од КБК Самурај од Битола.










