Илјадници свеќи ќе го осветлат Центарот за култура во Битола на 6 декември, кога ќе се одржи првиот „Candlelight“ концерт во овој град – исклучително музичко и визуелно доживување во изведба на камерниот оркестар Профундис, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.
На ова специјално издание како солист ќе настапи Владимир Костов, концерт-мајстор на Македонската филхармонија и еден од најценетите македонски виолинисти. Со својата префинета техника, емоционална длабочина и сценска харизма, Костов ја освојува публиката на сите континенти.
Во рамки на концертот ќе биде изведена ексклузивна програма составена од ремек-дела на светската и домашната музичка литература, меѓу кои: „St. Paul Suite“ од Густав Холст, „Четири годишни времиња“ од Антонио Вивалди и „Македонско капричо бр. 1“ од Драган Шуплевски.
-Овој концерт е особено значаен затоа што за првпат ја носиме уникатната атмосфера на Candlelight концертите во Битола. Под светлината на свеќите, музиката добива нова димензија – интимна, топла и полна со емоции. Програмата е внимателно одбрана за да ја долови магијата на класичната музика во едно сосема поинакво светло, изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ.
Владимир Костов, роден во Битола, има блескава кариера со настапи на некои од најреномираните светски сцени: Берлинската филхармонија, Концертхаус – Виена, Линколн центар – Њујорк, Харвард Универзитет и многу други. Добитник е на престижната награда „Георги Божиков“ и е основач на фестивалот „Виолин фест“. Со својот интерпретативен сензибилитет и извонредна техника, Костов претставува симбол на современата македонска виолинска школа.
Инаку, концептот на „Candlelight“ – концерт под свеќи е светски признат тренд кој ја трансформира традиционалната концертна атмосфера во интимно и емотивно доживување. Илјадници свеќи го обвиткуваат просторот во топол сјај, создавајќи симбиоза меѓу звукот и светлината која ја приближува публиката до суштината на музиката.
Влезниците за ова премиерно концертно доживување се достапни преку продажната мрежа на МК Тикетс.











