Press "Enter" to skip to content

Стојановски и Вилсон: имаме поголема ротација, со добра одбрана и лесни поени до победа

Кошаркарите на Пелистер од Битола по завршувањето на настапот во ФИБА Европа купот сега целосно ги насочуваат погледите кон домашната сцена, почнувајќи од денешниот дуел на гостински терен против Гостивар кој ќе се одигра во 19 часот. “Пелистерци“ се лидери на табелата со пет победи и еден пораз во првите шест рунди, пласман што ќе сторат се за да го задржат и по ова седмо коло. Гостивар  вечер започнува со нов тренер во мечот, и тоа екс-стратегот на Пелистер, Александар Петровиќ кој вечерва ќе дебитира на клупата на новиот клуб.

Кошаркарот на Пелистер Вилсон, вели дека првата четвртина е многу важна, брзата игра ќе ни донесе триумф во Гостивар.

-Наша главна сила е брзиот напад, контрите и полуконтрите кои треба да бидат заштитен знак и на овој натпревар. Добра одбрана и лесни поени на спротивната страна, тоа е она што ќе ни го донесе резултатот што сите го посакуваме. Многу важна ќе биде првата четвртина, мораме од самиот почеток да наметнеме силно темпо и на тој начин да си го трасираме патот до победата. Тоа ќе биде клучно на мечот во Гостивар, вели Вилсон.

Јасно е дека Пелистер ќе ја има фаворитската улога, но мора да се посочи и дека традицијата не е на страната на битолчани, а последниот триумф на овие гостувања „зелено-белите“ го имаат во мај 2022, уште една причина да се биде максимално внимателен и мотивиран во текот на сите 40 минути од вечерашниот дуел.

Лука Стојановски вели дека сакаат победа во Гостивар за задржување на врвот:

-Веруваме во себе, знаеме дека имаме квалитет за да стигнеме до победата против Гостивар. Целосно се фокусираме на домашното првенство и сакаме да останеме први, за тоа да се случи мораме да славиме на вакви натпревари. Наша главна предност е поголемата ротација на играчи, што треба да ни помогне да одржиме висок ритам и на тој начин да стигнеме до триумф. Петровиќ е тренер што го познаваме, свесни сме дека тој ќе донесе дополнителна енергија и мотивација кај Гостивар, причина плус да мораме да останеме фокусирани максимално во текот на сите 40 минути.

More from СпортMore posts in Спорт »