Press "Enter" to skip to content

УКЛО Битола го чествува патрониот ден со свечени програми и силни пораки за образованието, јазикот и младите (фото)

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола годинава го одбележува својот патронен празник со богата и содржајна програма, посветена на делото и непроценливото духовно наследство на свети Климент. Ректорот проф. д-р Игор Неделковски најави низа академски и културни активности кои ја истакнуваат современата улога на УКЛО.Празничните настани започнуваат на 3 декември со промоција на нови доктори на науки. На 4 декември ќе се одржи тркалезна маса за меѓууниверзитетска соработка со претставници од мрежата УНИАДРИОН, насочена кон унапредување на партнерствата во високото образование, науката и иновациите. Истата вечер, во Народниот театар – Битола, ќе се одржи свечен омаж посветен на Патронот, во рамките на Државната програма за одбележување на 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, со уметничкиот перформанс „СЛОВО ЉУБВЕ“, реализиран благодарение на соработката со Гимназијата „Јосип Броз – Тито“.Претставниците од гимназијата: м-р Даниела Петровска, м-р Симона Петровска и ученичката Веда Мавровска, најавија уметничко доживување со силна порака: љубов кон зборот, кон знаењето и кон јазикот како духовна татковина. Преку збор, музика и движење, младите укажуваат дека токму љубовта кон словото е суштината на целото учење. Врската меѓу УКЛО и Гимназијата, зацврстена преку одбележувањето на јубилејот од кодификацијата на македонскиот јазик, со овој перформанс се продлабочува преку идејата „Корени и крилја – европска диплома дома“.Таа соработка се истакнува како пример за тоа како академската заедница и младите генерации заедно ги промовираат европските вредности, отвореноста и креативноста – вредности што се темел на визијата на Универзитетот, дополнително зацврстена со членството во европската универзитетска Алијанса КОЛОРС.На новинарско прашање, професорката Даниела Петровска ја истакна суштинската порака на перформансот „СЛОВО ЉУБВЕ“: љубовта кон зборот – најнапред на македонски, а потоа на сите други јазици.Таа нагласи дека Македонците се составен дел од европската заедница на народи и активни учесници во научните процеси. Младите учесници ќе изведат музички дел и на македонски и на англиски јазик, симболично потсетувајќи дека „да се биде Македонец значи да се биде граѓанин на светот“, како што одамна го истакнале Рацин и Мисирков. Во текстот на перформансот е вградена и идејата дека свети Климент е коренот од кој произлегуваат неговите следбеници – современите автори, научници и творци. Од таа основа доаѓа и пораката до младите: дека останувањето во Македонија не е хендикеп, туку привилегија – можност да се учи во сопствениот град, на сопствениот јазик, со квалитетно високо образование кое создава вистинска вредност.Ученичката Веда Мавровска, во улога на режисер на уметничката група гимназијалци АНИМА 4, истакна дека проектот обединува генерации, поттикнува креативност и создава пријателства и знаења што ќе траат. Според неа, претставата е плод на посветена работа, слободни идеи и тимски дух, и претставува убава можност младите да го продлабочат познавањето на македонскиот јазик и театарската уметност.На 5 декември, на свечената седница на Сенатот и Ректорската управа, ќе бидат доделени признанија за најуспешните дипломирани студенти, за најистакнатите научници,  ректорски повелби и благодарници, како и награди за најиновативни идеи во рамките на проектот NanoBioTech Nexus на Европскиот институт за иновации и технологии.Кон поканите за достоинствено одбележување на Денот на св. Климент, особено силно прозвучи пораката дека – со уметничкиот перформанс „СЛОВО ЉУБВЕ“ посетителите ќе ја почувствуваат суптилната порака за обединување на генерациите, взаемен дијалог и пренесување на искуствата од старите кон младите преку научната мисла и афирмацијата на македонскиот литературен јазик. Целата визија води кон заедничка иднина во која сите сме граѓани на светот, поврзани преку Универзитетот и преку заедничките вредности.

More from ВестиMore posts in Вести »