Рубен Гарабаја зборуваше за денешното гостувањето на Еурофарм Пелистер од Битола кај екипата на Загреб истакнувајќи дека противникот има промена на тренерската позиција, што автоматски подразбира поинаков меч од оној во Битола.
Пелистерци имаат шанса за нов добар резултат во Лигата на шампионите, а Гарабаја се надева на позитивен исход кој ќе му даде уште поголем мотив на тимот.
-Имаат голема мотивација откако добија нов тренер. Одиграа одлично во Сегед, цврст тим се, не се откажуваат никогаш. Ќе биде тежок меч, и тие се надеваат на победа против нас. Имаме тежок распоред сега, за разлика од некои полесни мечеви минатиот период. Времето е кратко, но се подготвуваме најдобро што можеме. Следуваат важни натпревари и сакаме да се претставиме во посакуваното светло. Играме и во првенството и во Лигата на шампионите, но не смееме да се жалиме. Ќе имаме кратка пауза пред дуелот со Загреб, го знаеме тоа. Сепак, ќе одиме да одиграме квалитетно и се надеваме на победа, изјави Гарабаја.
Еурофарм Пелистер има четири бодови на табелата во групата “Б“, каде може да го подобри учинокот со евентуален добар резултат на гостувањето кај Загреб.
Натпреварот се игра на трети декември во 18:45 часот.










