Денес започнува празнувањето на патрониот празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, 8 Декември, со низа активности посветени на ликот и делото на св. Климент Охридски и современата мисија на УКЛО – да биде носител на модерно образование.
Празничните настани започнуваат на 3 декември 2025 г. со промоција на нови доктори на науки.
На 4 декември 2025 г. ќе се одржи тркалезна маса за меѓууниверзитетска соработка со претставници на универзитетите членки на УНИАДРИОН, посветена на унапредување на партнерствата во високото образование, науката и иновациите.
Истата вечер, во Народниот театар – Битола ќе се одржи достоинствен омаж посветен на Патронот што ја вклучува завршната манифестација од Државната програма за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, со уметничкиот перформанс „СЛОВО ЉУБВЕ“, реализиран од соработка со Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола.
На 5 декември 2025 г. на свечена седница на Сенатот и Ректорската управа ќе се доделат признанија за најдобро дипломирани студенти, најдобрите научници, ректорски повелби и благодарници, како и награди за најиновативни идеи во рамките на проектот NanoBioTech Nexus, дел од Европскиот институт за иновации и технологии.






