Кошаркарите на Пелистер ја завршија историската прва сезона во европските натпреварувања, па сега целосно се насочуваат кон домашното првенство, а утре продолжуваат во Битола. Амбициите се јасни – атак на највисок пласман, па токму затоа е исклучително важен наредниот во кој „зелено-белите“ в сабота во 19 часот во својата сала „Боро Чурлевски“ ќе го пречекаат тимот на ТФТ.
Екипата од скопско Тафталиџе моментно е лидер на табелата, што е мотив плус за Пелистер бидејќи со победа утревечер ќе се врати на врвот во Супер-лигата. Пеколниот ритам од два меча е минато, тимот имаше и дополнително време за воигрување во текот на репрезентативната пауза, па подготвен е да го покаже своето вистинско лице против првопласираната екипа на табелата.
-Работевме напорно во текот на оваа репрезентативна пауза, имавме мал резултатски пад пред паузата и сакаме тоа да го исправиме. Дуелот со ТФТ е идеален за такво нешто бидејќи со победа би се вратиле на првото место. Знаеме дека воопшто нема да ни биде лесно, играме со ривал што го почитуваме, но решени сме да одиграме квалитетен меч и со победа да ги наградиме нашите верни навивачи, во знак на благодарност за поддршката што ја добиваме од нив од стартот на сезонава, порачуваат „пелистерци“ во пресрет на овој меч.
Традицијата вели дека ТФТ никогаш не победил во Битола, Пелистер има „четири од четири“ на домашен терен против утрешниот ривал, од кои три победи се двоцифрени, а единствен триумф под десет поени е оној од ланската сезона, кога Пелистер славеше со 91:82.










