Пелистер – ТФТ 83:87
Кошаркарите на Пелистер вечерва во Битола се поразени од тимот на ТФТ во 9. коло од Супер кошаркарската лига во дербито на колото со резултат 83:87. “Пелистерци“ без во игра за победа до последните минути, беа блиску до триумф, но падот на концентрација во финишот придонесе да не се радуваат на победа.
Андреј Митревски погоди тројка за прво водство на Пелистер од 3:2, по што ТФТ одигра неколку квалитетни минути и поведе со 3:8. Пелистер имаше одговор, Митревски погоди уште една тројка, а откако Си-Џеј Вилсон стрелаше прецизно од далечина „зелено-белите“ поведоа со 12.11. До крајот на четвртината се играше израмнето, но Пелистер со слободното фрлање на Малешевиќ го доби овој период со 20:18.
ТФТ ја отвори втората четвртина со пет поени во низа, за момент поведе со 20:23, но следеше одговор меѓу Малешевиќ и Стајиќ и ново водство на Пелистер. Дуелот беше израмнет до 31:30, за Пелистер да го крене нивото на одбрана, примајќи само два поени до крајот на полувремето и на одмор да замине со 40:32 по реализациите на Брејси Дејвис.
Почетокот на третата четвртина донесе и проблеми во нападот за „пелистерци“, кои постигнаа само три поени во првите четири минути од четвртината, па гостите поведоа со 43:44. По негативата од 50:52 Пелистер одговори со осум поени во низа, но ТФТ се врати и израмни на 62.62, за во последните 10 минути да се влезе со минимално водство на битолчани од 64:62.
Пелистер имаше 70:66 во 33. минута, кога се соочи со проблем по четвртата лична грешка на единствениот центар во тимот, Ленгстон Вилсон. Неколкуте чудни судиски одлуки им овозможија на гостите да поведат со 72.73, пред Даскаловски да побара тајмаут на нецели пет минути до крајот. Стајиќ погоди важна тројка за 75:75, но потоа Пелистер влезе во серија грешки со кои му овозможи на гостинот да поведе со 75:78. ТФТ поведе со „плус шест“, битолчани не се откажаа борејќи се до крај, но сепак немаа сила за чудо во последната минута.
Малешевиќ го заврши мечот со дабл-дабл од 20 поени и 10 скокови, 20 поени имаше и Стајиќ, Брејси Дејвис постигна 16, а Митревски 15 поени за Пелистер.
Сашо Ристевски










