-70 години, 70 факти – седум децении љубов, посветеност на КУД “Илинден“ – Битола, но и традиција што се пренесува од генерација на генерација, сето тоа беше на незаборавна вечер исполнета со љубов, култура и свеченост на јубилејниот концерт на “Илинден“.
Под мотото „Од кога започна сè… со љубов продолжува“, Културно-уметничкото друштво „Илинден“ – Битола вечерва во Центарот за куктура во Битола го одржа својот голем јубилеен концерт, по повод 70 години непрекинато постоење и работа.
Меѓу присутните во преполната Голема сала на Центарот беше и градоначалникот на Битола – Тони Коњановски во име на Општина Битола, како и директори на културни центри, фирми, разни претставништва, институции и гости и соработници од странство.
Овој концерт претставува голем културен настан за Битола кој го обедини целокупното творештво и развој на Друштвото низ четири историски периоди – од формирањето, преку најзначајните сценски моменти, па сè до денес.
Публиката имаше ретка можност да ужива во богата програма, преку која ќе биде прикажано богатото наследство на македонската традиционална песна, оро, носија и културна меморија што КУД „Илинден“ ја чува повеќе од седум децении.
-Приказната што започна со љубов, продолжува да живее во секој чекор, во секое оро и секој глас – тоа е нашата мисија, која ја негуваме и пренесуваме на новите генерации, истакнуваат организаторите.
КУД Илинден важи за еден од најрепрезентативните културно-уметнички друштва во Македонија, кое освен богата фоклорна дејност и грижа за зачувување и пренесување на традицијата е голем промотор на македонската држава и култура буквално низ целиот свет.
Како дел од програмата беше прикажан и краток филм со извадоци од разни настапи и настани на КУД „Илинден“ како и фотографска ретроспективна изложба.
-Ова е таа приказна за пискулот кренат високо над ѓени маалските керамиди кој во себе ја носи воздишката на младешкиот чекор окован во клетва меѓу реденикот и елекот…. Ова е таа приказна за калдрмата во чипка повиена со коприна покриена која го пречекува оној ситен чекор женски кој тежи во својата севда и се смее низ својот ишарет….ова е приказната за КУД ИЛИНДЕН…, ќе рече Силвана Петровска – Насух, препознатлив модератор на КУД “Илинден“
Претходно раководството на КУД „Илинден“ одржа и Свечена академија, по повод прославата на јубилејот – 70 години КУД „Илинден“ Битола на која им оддаде признанија за соработка и поддршка во текот на изминатите години на институции кои го помагале нивниот развој и постоење.

-Сакаме уште еднаш да упатиме искрена благодарност до сите нив, бидејќи со својот континуиран придонес овозможуваат зачувување и негување на македонската културна традиција и фолклор, оставајќи трајна вредност за идните генерации, истакнаа од КУД “Илинден“ Битола и за крај додадоа:
-Од кога започна се… Приказна што не избледува, исплетена низ времето, во секој облик на љубов и посветеност, што ја чува и негува традицијата. Денес, таа инспирација продолжува да живее во секој момент, како нишка што ги поврзува сите времиња. Таму каде што орото и песната се мост меѓу вчера и утре. Таму, со љубов продолжува…
Текст и фото: Дамијана Ристевска











