Press "Enter" to skip to content

Јаков Димовски, момче од Битола кое чекори кон својот фудбалски сон

Во Битола, градот на шампиони и големи спортски приказни, едно дете кое живее и расте заедно со нас, преку својот талент од ден на ден ја буди надежта дека пред нас е идниот македонски фудбалски бисер. Неговото име е Јаков Димовски, роден  2017 година, а неговата приказна започнува на зелениот терен на школата ЛГ Битола. Само еден месец по своите шест години, во јули 2023 година, Јаков првпат застана на тренинг — со голем ентузијазам, мноштво прашања и уште поголема желба да научи.Токму таму, под раководство на тренерот Лазе Гаштаров, започна неговото патување кое денес веќе буди восхит. Гаштаров не е само тренер во оваа приказна; тој е човекот кој го препозна исклучителниот талент кај Јаков, го насочува, го бодри и секој ден му помага да расте – како играч и како личност. Со многу труд и работа, се истакнува меѓу својат генерација, дел е од најзабележителните стрелци, и момче кое не се плаши да ја преземе одговорноста и да го носи тимот напред.Во детската лига сезоната 2024, токму тој беше меѓу лидерите на својот тим на завршниот турнир во Скопје. А оваа сезона? Јаков има неверојатен просек од 3 гола по натпревар. За неговите години – тоа е повеќе од статистика; тоа е најава за голема фудбалска приказна. И приказната продолжи да се развива.
На пред еден месец по препорака и силна верба од неговиот тренер Лазе Гаштаров, Јаков замина на скаутинг во Белград, во еден од најголемите балкански клубови – Црвена Звезда. Таму, пред тројца тренери, го покажа својот вистински квалитет. Оценките беа одлични. Јаков официјално беше поставен на списокот играчи кои тренираат во генерацијата 2017 на Црвена Звезда. А веќе на првиот пријателски натпревар, против екипата на Дерби од Нови Сад, тој постигна еден гол и една асистенција – тивко, скромно, но со огромен фудбалски карактер.

Ова не е само приказна за резултати. Ова е приказна за дете кое верува во својот сон. За родители кои го поддржуваат. За тренер кој гледа подалеку од едно класично тренинг-утро. И, најмногу од сè, приказна за Битола – град којшто умее да ги препознае своите таленти. На само 8,5 години, Јаков Димовски го почнува своето поглавје во фудбалот.

Да му посакаме светла, успешна кариера и да се надеваме дека токму ваквите таленти ќе ја носат гордо нашата Битола и Македонија — денес, утре и многу години понатаму.