Press "Enter" to skip to content

Успешна уметничка соработка на УКЛО Битола со Државното музичко училиште – Битола

Успешната уметничка соработка што Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ја остварува со Државното музичко училиште – Битола, ја доби својата најнова и особено значајна потврда по повод чествувањето на Патронот на Универзитетот, свети Климент Охридски. Во рамките на свеченоста, ученици и нивни ментори придонесоа со извонредна уметничка програма, со што настанот доби дополнителна културна и естетска вредност.

Посветениот пристап, високото ниво на професионалност и уметничкиот квалитет на младите музичари и нивните професори ѝ дадоа на манифестацијата препознатливост, достоинство и свечен тон, соодветен на академската средина и значењето на настанот. Ваквиот уметнички ангажман претставува јасен показател за успешната синергија меѓу образовните и културните институции.

Особено се истакнаа настапите на Теодора Кулевска (4 клас, виолина), која го изведе делото Салут Д’амор од Едвард Елгар, со пијано соработка на проф. Александра Ристовска и под менторство на проф. Игор Милевски; Јане Петровски (8 одделение, пијано), со изведба на Токата од И. Беркович, под менторство на проф. Јана Четелева Белевска; Бојан Наумовски (4 клас, кларинет), со изведба на Концерт во A-Dur, K. 622 од В. А. Моцарт, под менторство на проф. Димитар Трајковски; Климент Ристески (4 клас, соло пеење), со изведба на Нет толка, од П. И. Чајковски, под менторство на проф. Маја Митровска и со пијано придружба на Анастасија Гическа, како и квартетот Forte Percussion во состав: Филип Гулевски (2 клас), Давид Георгиев (3 клас), Јове Атанасовски (4 клас) и Андреј Стојановски (4 клас), кои ја изведоа Географска фуга од Ерст Точ, под менторство на проф. Кирил Муловски.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола упати искрена и срдечна благодарност до учениците и менторите од Државното музичко училиште – Битола за нивното учество и значајниот уметнички придонес со кој беше збогатена свеченоста. Нивнaта посветеност и континуирана соработка со УКЛО уште еднаш ја потврдија вредноста на ваквите меѓуинституционални поврзувања.

Посебна благодарност е упатена до директорката на Државното музичко училиште – Битола, г-ѓа Марија Шамоска Буџаковски, која со својот ангажман и отвореност за соработка со УКЛО, даде значаен придонес во реализацијата на овој настан.

Уметничка соработка на УКЛО со Државното музичко училиште – Битола се одвива во духот на КОЛОРС концептот https://uklo.edu.mk/colours/ што ја нагласува поврзаноста меѓу образованието, уметноста и институционалното партнерство. Во тој контекст, настанот и симболично ја потврди идејата за сојузништво, отвореност и интердисциплинарно поврзување, преку кои се реализираат значајни културни и образовни вредности.  

More from ВестиMore posts in Вести »